Два дена пред распуштање на Собранието, нема најава кој ќе даде оценка дали се исполнети условите за фер избори на 5-ти јуни. Некои тоа го очекуваат од ДИК, други од партиите, односно од парламентот, анализира Дојче Веле.

Граѓаните и партиите треба да побараат одговор дали се исполнети сите услови за избори на 5-ти јуни, а врз основа на одговорите од релевантните институции, парламентот треба да ја донесе крајната одлука. Ова е сугестијата што амбасдорите на ЕУ и САД во Скопје вчера ја упатија до македонската јавност преку интервјуа за две телевизии, потсетувајќи дека „институциите имаат уште многу работа за кредибилни избори на 5 јуни“.

„Она што граѓаните, парламентот и други треба да го прашуваат, е дали тие работи (прочистувањето на избирачкиот список-н.з) се одвиваат како што треба. Друго прашање е, дали има процес за отстранување на имињата на оние кои се идентификувани дека треба да бидат отстранети од списокот, а потоа и процес на жалба. Според законите, сега за тоа се потребни до 4 месеци и затоа има предлог за скратување на тој период, за 10 дена пред изборите да може да се има прочистен список. Тоа е уште една област што треба да се разгледа кога граѓаните поставуваат прашања. На крајот, парламентот е тој што ја носи одлуката за датумот на избори, а не меѓународната заедница“, рече амбасадорот на САД, Џес Бејли.

Според професорката Мирјана Малеска, пораката на амбасадорите е јасна.

0,,19065397_404,00

„Пораката е дека изборите ‘на 5-ти јуни или кога и да се одржат’ треба да бидат ‘чисти, фер и веродостојни за да и помогнат на земјата да напредува!’ Амбасадорите укажаа дека и покрај напредокот што е постигнат, има ‘големи проблеми’ со прочистување на Избирачкиот список, со слободата на медиумите и изразувањето, со балансираното известување и со односот на власта кон Специјалното обвинителство. Според мене, тие рекоа – не сте подготвени за избори. Времето е кратко да се отстранат сите пречки и да се израмни теренот за изборен натпревар, но тоа вие сами треба да го процените и да го кажeте преку вашите институции (Собранието), медиумите и јавното мислење. Нивната загриженост е сосема оправдана, бидеќи во вакви околности изборите на 5-ти јуни нема да донесат стабилност“, децидна е Малеска.

Власта против медиумски реформи

Два дена пред распуштањето на Собранието, владејачкото мнозинство вчера со 64 гласа „против“ ги отфрли предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што ги поднесе опозициската СДСМ на барање на новинарски здруженија и организации. Со нив се предвидуваа реформи во начинот на избор на членови на советот на Агенцијата за медиуми и на Програмскиот совет на МРТ, како и финансирање на МРТ со 1 процент од државниот буџет. По јасниот сигнал на власта дека не е заинтересирана за реформи во медиумите, во медиумската заедница сметаат дека со тоа не е реализирана важна обврска од пржинскиот договор и не се исполнети условите за кредибилни избори. Од друга страна, застој има и во работата на ДИК. Според извори од Комисијата, треба да се изврши и рачна проверка на околу 115.000 податоци во МВР, а досега биле проверени само 20.000. Освен што бавно оди враќањето на довербата во Избирачкиот список, она што може да фрли голема дамка врз условите за фер- избори, се и информациите дека наводно продолжува незаконско спроведување на мерки за следење. Како што јавно изјави пратеникот Павле Трајанов, постоеле информации дека мета на следење биле обвинители на Специјалното јавно обвинителство и дека се очекува тие сознанија СЈО да го обелодени на прес-конференција.

Значењето на целиот овој корупс реформски прашања, вчера беше потенциран од амбасадорот Бејли и на одбележувањето на Денот на НАТО во Скопје.

„Кредибилни избори, работата на Специјалниот обвинител, медиумските реформи и други области заедно испраќаат стратегиска порака до идните партнери во НАТО околу вашата посветеност кон вредностите на северноатланската повелба. Половични мерки испраќаат спротивна порака, што може да резултира во ерозија на поддршката“, рече амбасадорот на САД.

Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание, вели дека ова е најотвореното предупредување што го добила земјата досега.

„Испратено е сериозно предупредување: ниту еден од политичарите да не ја става својта политичка судбина над судбината на граѓаните и државата. Од претставници на пријателски држави и гаранти/копотписници на Договорот од Пржино, јасно ни е кажано што не очекува ако не спроведеме кредибилни избори.

Четирите партии денеска, а најдоцна утре, треба да ја изменат законската одлука за избори на 5-ти јуни, а потоа да донесат нова одлука со која ќе ја стават надвор од сила одлуката за распуштање на Собранието. И не треба да договараат нов датум за избори, туку да се прашаат – зошто сме во застој, зошто работите не одат? Не смеат да се однесуваат како да не гледаат дека ја вратија земјата назад. Таа пасивност е крајно опасна“, предупредува Андов.

целиот тескт тука 

Слични содржини