До посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, сѐ е ставено на „стенд бај“: ниту се реализира оставката на премиерот, ниту лидерската четворка седнува на заедничка маса, анализра DW

0,,18973963_303,00

Посетата на тројцата европарламентарци, Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит не даде директен одговор на прашањето што деновиве интензивно се поставува во македонската јавност – ќе има ли избори на 24 април. Но, сосема јасно ги разби илузиите на партиите кои сметаат дека изборите се „главен услов“ од Договорот од Пржино, а не и реформите што треба ним да им претходат.

„Сеедно е дали датумот ќе биде 24 април или некој друг, како што се предлага во некои медиуми или некои изјави во јавноста“, рече европатеникот Ричард Ховит во интервју за ТВ „Телма“.

„Тоа е само еден елемент од Договорот. Поентата на предвремените избори е да се обезбеди кредибилен и демократски избор, што не беше случај во минатото. Датумот е само еден елемент од Договорот и тука сме да ги разгледаме сите аспекти на Договорот“, рече Ховит.

Неисполнети обврски, опструкции, застој во итните реформски пориоритети, во некои сфери дури и назадување, незапочнати медиумски реформи, доцнење и недоговорена методологија со која треба да почне прочистувањето на Избирачкиот список. Ова се дел од утврдените забелешки со кои европарламентарната тројка замина од Скопје, со порака дека во петок лидерската четворка ќе се соочи со силен дипломатски од ЕУ и САД, со една цел: целосно и итно спроведување на Договорот. Во спротивно, неизвесна ќе биде препорката за почеток на преговори со ЕУ.

Чекајќи го Хан

Во партиите не откриваат со какви аргументи ќе го дочекаат еврокомесарот Јоханес Хан, кој во петок ќе пристигне со јасна дијагноза за состојбите во земјата. Лидерот на СДСМ, кој вчера за првпат беше гостин во вестите на ТВ „Канал 5“, го повтори познатиот партиски став.

„Ние не бегаме од избори, затоа што ние се изборивме за предвремени избори. Но, Договорот од Пржино мора во целост да се спроведе. Кога ќе се исполнат сите услови, може да има избори. Не ни требаат нови украдени избори“, изјави Заев.

Во ВМРО-ДПМНЕ и натаму се најгласни во ставот дека изборите треба да се одржат во договорениот термин – 24 април, но молчат по прашањето за премиерската оставка која е директно условена со тој датум. Груевски треба да се повлече од функцијата, за да може до 15 јануари да се избере нов премиер на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, и да се инаугурира техничка влада која ќе биде задолжена да ги спроведе изборите. До тогаш остануваат само два дена, многу неспроведени реформи и неодговорени прашања.

„Се ќе се знае кога ќе дојде време за тоа“, кусо одговараат од владејачката партија.

Од тоа може да се претпостави дека премиерската оставка ќе биде ставена на „стенд бај“ се до посетата на еврокомесарот Хан. Од она што ќе го договорат четворицата лидери со гарантите на пржинскиот документ, веројатно ќе зависи дали Груевски ќе се повлече веднаш, или неговиот мандат ќе трае до сто дена пред некој друг, нов изборен датум.

Вчера и Ховит ја потврди релативноста на премиерската оставка наспроти важноста од демократски промени.GRUJO11

„Не е важно дали Груевски ќе поднесе оставка во петок, сабота или во понеделник. Главно прашање за мене е дали оваа земја ќе стане демократска, дали гласачите ќе имаат вистински избор, дали ќе има вистинска промена на демократски начин и нова визија за земјата, нова надеж дека ќе има голем чекор кон европската иднина на земјата“, рече европратеникот.

Поддршка од САД

Аналитичарите вчера имаа плоден ден, но и дијаметрално спротивни прогнози за натамошниот развој на настаните. Едни се уверени дека избори сигурно ќе има, други дека тие ќе бидат одложени, трети дека изборите треба да се одложат, но да не се фиксира нов датум се додека не се спроведат сите неопходни реформи. Пораките од европратеничката тројка вчера делумно паднаа и во сенка на импресиите кај дел од провладините аналитичари, „за големата поддршка што ја добил премиерот во САД, по што на сите треба да им биде јасно дека Вашингтон ја поддржува политиката на актуелната Влада“.

Во контекст на посетата на Груевски во САД, Ховит потенцираше дека електоратот во Македонија треба да разбере дека Брисел и Вашингтон имаат заеднични ставови за темелните промени што треба да се направат во земјата.

„Од моите разговори со Стејт Департментот, знам дека пораките што господинот Греувски ги добил во Вашингтон се многу строги пораки и истите пораки кои и ние му ги кажуваме нему и на другите партии, овде во Скопје. Меѓународната заедница е обединета. Во оваа земја има сериозни злоупотреби. Основните демократски принципи се прекршени. Евроатлантската агенда не се почитува и не се спроведува искрено. Затоа е потребна целосна имплементација на Договорот од Пржино, како чекор кон огромна промена во начинот на владеењето со земјата, со визија што луѓето ја заслужуваат“, изјави Ховит./DW

Слични содржини