DW: СЈО и хистеријата во народното Собрание

од Vladimir Zorba

Три дена македонската јавност со подзината уста ја следи работата на собраниската комисија за извештајот на СЈО за прислушуваните разговори, информира DW.

19246309_401

пишува: Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка

Најнапред: правните факти. Според правниците, Основното јавно обвинителство уште од 2005, а цели 11 години не само што не доаѓало на собраниските седници за да даде отчет за својата годишна работа, туку во последниве години, Основното обвинителство веќе воопшто и не доставувало годишен извештај за својата работа до Собранието. Во една деценија владеење, од 2006 до 2016, ДПМНЕ успеало од земјава да направи правна пустелија, во која правните институции станале режимски декор, па повеќето народни пратеници од сегашниот состав на Парламентот ниту се сеќаваат, ниту лично учествувале во собраниски комисии на кои некогаш се разгледувала работата на Основното јавно обвинителство.

Така беше се’ до средата, 21.9.2016, кога народните претставници по цели 11 години „обвинителен мрак“, за првпат се соочија со извештај за работата на едно македонско јавно обвинителство, овојпат во форма на т.н. шестмесечен извештај на Специјалното јавно обвинителство. Формирано со посредство на меѓународната заедница за гонење на криминал содржан во прислушуваните разговори, во едногодишната работа, СЈО покрена 2 кривични обвиненија против владини функционери, едно против поранешниот премиер, отвори 4 истраги, 38 предистражни постапки, а досега сомничи вкупно 60 лица за кои има над 300 сведоци. Заради овој правен контекст, кога во средата, на 21 септември, специјалната јавна обвинителка за првпат во многу години се појави во парламентарниот дом за отчет за својата работа, македонската јавност остана нем сведок на еден специфичен тридневен просторен, ментален и културолошки феномен на хистерија!

Хистеризација

Се’ започна со „хистеризирањето“ на просторот. Уште од доцниот 18 век познато е дека најдобрата просторна архитектура за „надѕор“ е структурата на затворот Бентам, именуван според името на неговиот пронаоѓач, англискиот социолог Џереми Бентам. Нацртот на затворот на Бентам подразбирал централна позиција и прстенест распоред на „ќелиите“, а тоа освен другите работи, овозможувало и повратно набљудување на прстенестите седишта кон централната позиција, овојпат на „чуварот“ на редот. Структурата гарантирала дека секој чувар, па и најневнимателниот, е „доволно добар“, едноставно затоа што позицијатата на чувар сега е делегирана на секој еден присутен во салата. Ваков делумно „прстенест“ распоред гледавме во тридневното соочување на јавната обвинителка со пратениците на парламентарната седница. Седната во средината на просторијата, а опколена со тела кои набљудуваат, дофрлуваат, напаѓаат, викаат, етикетираат, се потсмеваат, дискредитираат, дофрлуваат, критикуваат…, специјалната обвинителка истовремено беше и епитом на мирот и „чуварот“ на редот, но и на местото што е владеено од „сегледачкото око“ на народните пратеници, кои во секој момент се обидуваат да ја дискредитираат.

Дури и да бил инцидентен, распоредот на седењето на народните пратеници околу Јанева, необично потсетува на медицинските амфитеатари на старите психоаналитичари, во кои патологиите на едно општество биле прикажувани како јавна претстава, во која размената била сместена „внатре“, во затворениот простор – како што обвинителката беше сместена помеѓу глутницата народни пратеници, кои и’ се обраќаат со чудна мешавина од иронија, патронизирање, гнев, а сепак најмногу со страв дека е инстанцата што најмногу знае. Токму затоа го видовме сиот садизам на пратениците кои зборуваат, се кикотат, вознемирени се, се удираат по челото, го разобличуваат „туѓото тело“ меѓу нив, додека обвинителката мудро го одмолче поголемиот дел од „сеансата“.

Во меѓувреме, пак, гледачите, посведочија една геометризирана птичја перспектива на мапата на собраниската седница. И додека садизмот на народните претставници беше упатен кон гледачите за стекнување симпатии, за среќа ниеден човек не стекнува симпатии преку садизам, па набрзо секому стана јасно дека пратениците се тие што се’ всушност хистеризирани.

Поради оваа хистерија, она што дотогаш беше впечаток за моќ во собраниската сала одеднаш се претвори во својата спротивност, а што во психоанализата го нарекуваме – „ротација на агентурата на моќта“! И додека за македонската правна иднина ќе биде пресудно кои од доказите на СЈО фактички ќе се потврдат на суд, а кои нема, овие три дена беа практичен доказ дека кога се случува масовно хистеризирање на политички моќници, ние всушност зборуваме за ротација на моќта! Со влезот на Јанева на собраниската седница имавме уникатната можност да видиме како би изгледало нашето општество во кое моќта ја губат силеџиите, а кога животот станува побавен и попријатен. На собраниската седница (а всушност во она што стана „судницата“ за СЈО – и тоа од страна на речиси сите народни пратеници: од целата ударна десна партија, па изненадувачки, до независните – во недостаток на подобро име – да ги наречеме центристички политички позиции) видовме што значи кога народните пратеници се соочени со тезата дека се нелегитимни.

За разлика од хистеријата на народните претставници, специјалната јавна обвинителка покажа и комоција во една фактичка Бентам садистичка просторија, но побара и три правни работи. Прво, иако врз основа на прислушуваните материјали народните пратеници од изборните циклуси од 2012 и 2014 ги прогласи за нелегитимни, од нив сеедно побара продолжување на својата работа додека не заврши гонењето на криминалот (овој парадокс, инаку, не само што не е чуден за психоанализата, туку е кодиран во самото социјално ткиво на заедниците). Второ, побара да се заштитат нејзините сведоци во истражните постапки против моќниците, преку промена на законите. И трето, побара да се почитуваат одредбите на Венецијанската комисија. Истовремено, таа нагласи дека Основниот суд Скопје 1 не дозволува да се открие кој прислушувал илјадници граѓани во тек од седум години, од 2008-2015 (тема на нашата минатонеделна колумна), а потсети и дека за својата работа ја има поддршката на поранешниот премиер, да го гони меѓу другото – и него самиот!

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини