DW: Соработката ќе го топи стравот од „данајски подароци“ меѓу Скопје и Атина

од Vladimir Zorba

Подобрување на односите меѓу Македонија и Грција преку создавање посилни врски во повеќе области, е формулата преку која ќе се гради соседската доверба. Тоа ќе биде тема и на денешната средба Попоски – Коѕијас.

Иднината на Европа и на Балканот во неа, ќе биде темата на која ќе зборува грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, кој денеска во Скопје ќе присуствува на работниот состанок на шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на македонското Министерство за надворшни работи. Тој ќе има средба и со неговиот домаќин, вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, на која не се очекува да биде отворено прашањето за спорот за името.

„Не верувам оти во оваа прилика би се зафатиле со решавање на толку крупно прашање, како што е спорот за името. Впрочем во изминатиот период рековме дека тоа што ни е приоритет е подобрување на односите на двете земји создавање на посилни врски во што е можно поголем број на области и мислам дека во ова изминатиот период направивме сериозен исчекор“, изјави Попоски во пресрет на средбата.

Коѕијас за првпат ја посети Македонија минатата година во јуни, во рамките на неговата балканска турнеја, на која беа договорени мерки за соработка и градење доврба во повеќе сфери. Во декември следеше и прва официјална посета на Попоски на Атина, по која изјави дека „во однос на спорот со името, меѓу двете земји остануваат планини“.

Од тој аспект, не е изненадувачка последната најава дека крупното прашање е оставено настрана, а односите меѓу двете земји во изминатава година се фокусирани на зацврстување, пред се, на довербата.

Иста слика 25 години

Дипломатите кои ги следат односите меѓу двете земји, веќе се заморени од анализи на нијансите и ситни поместувања во меѓудржавните односи, со оглед дека на тој план работите се уште се одвиваат бавно и покрај зголемената политичката комуникација. Политички аналитичари, пак, засега препознаваат само „најава на најава за идно релаксирање на односите“. Има ли очекувања дека тие наскоро ќе дадатконкретни резултати во градењето доверба и добрососедски односи?

„Дваесет и пет години (исто колку што постои и интернетот!) Македонија и Грција градат ‘мерки за градење доверба’“, вели Зоран Андоновски, главен уредник на новинската агенција „Мета“ и поранешен долгогодишен дописник од Атина.
„Во тој четврт век видовме и доживеавме сешто: блокада на границата, Лисабонска декларација со која ЕУ практично ни налагаше да го смениме името, прием со смешна референца во ООН, која останува како споменик на државата која не постои, односно постои само во БЈРМ, преговори со посредници, вето за НАТО во Букурешт, пресуда на Меѓународниот суд во Хаг, споменици, преименувања (и во Македонија, но исто така масовно и во Грција)… И самото набројување е доволно да се види дека односите во овие две и пол децении се движеа по стрмни надолни и нагорни линии“, потсетува Андоновски.

Следејќи ја темата одблизу 30 години, со директно присуство во Атина, Њујорк или Скопје, или преку разговори со актерите кои биле вклучени во процесот, тој укажува дека треба да се направи разлика меѓу „состојбата на односите“ и „довербата“.

„Првото (односите) оделе и горе и долу, но довербата, практично, никогаш и ја немало. Ние, со право, не можеме да сфатиме како некој бара да го смениме името и како не може да види нема закана за елинизамот од малата држава на северот, а тие никогаш не можат да преминат преку чувството дека нешто сакаме да им присвоиме и одземеме. Едноставно е: ние на Данајците не им веруваме поучени од претходното искуство и со нив и со други поголеми, а тие, одат по линија на посилниот и одбираат да не ни веруваат. Се разбира, делумно сме и самите виновни: спомениците, именувањата, преименувањата и иконографијата не помагаат партнерот да стекне доверба, а делумно станува збор за грчката политика, неинформираност, ароганција, ксенофобија, па и расизам. Поблагите тонови кои ги слушаме сега се само дел од истата таа мелодија. Вистинска желба од грчка страна да се види македонската ‘вистина’ никогаш немало, а, за жал, и ние често самите сме одмагале“, констатира Андоновски.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини