DW: Учебници против злоупотреба на минатото

од Vladimir Zorba

Децата не треба да ги оптоваруваме со предрасуди и омраза особено кон соседите, во време кога ЕУ нуди модел на заеднички вредности, велат од СДСМ, по најавата на премиерот Заев за отстранување на грешките од учебниците, информира DW.

„Фашистички крвници“, „клети душмани“, „крвни непријатели“, „крвопијци“ и други описи кои генерализираат вина на цели нации, стигматизираат и етикетираат, ќе бидат отстранети од учебниците по историја. Потребата од таква интервенција која досега во повеќе прилики беше акцентирана во македонското општество, добива поголема извесност по средбата Заев-Борисов во Софија. Одговарајќи на прашања за идниот третман на историските датуми од заедничко значење за двете земји, македонскиот премиер најави и промени во учебниците.

„Сите нови изданија ќе ги отстранат овие грешки, кои, кажано во најблага форма, оставаат трага на непријатност, што не е во функција на она за што се залагаме“, најави Заев.

Запрашан чиј цар е Самуил – бугарски или македонски, тој одговори: „Веројатно, вечна ќе биде дебатата за тоа – чиј е цар Самуил. Тоа е наша заедничка европска историја, а од нас ќе зависи дали ќе биде и наша заедничка европска иднина“.

Отстранување на штетните содржини

Но, дури и без потребата од интервенции кон она што историските факти ги оптоварува со разни експресивни толкувања и стреотипи, од СДСМ велат дека во нивната програма секако е предвидена евалуација на учебниците. „Во последните неколку години сведоци сме на производство на лоши учебници, особено во основното образование“, вели Петар Атанасов, претседател на партиската комисија за образование.

„Во системот за образование постои определена методологија за нивна изработка, ама многу од процедурите не се почитуваат. Сѐ уште има и несоодветни и некомпетентни автори, но и хиперпродукција на учебници, а одлуката кој учебник да се користи е најчесто политичка. СДСМ уште во програмата за избори вети во рок од една година формирање на комисии кои ќе ги евалуираат сите учебници и ќе постават јасни правила што ќе се почитуваат: дека ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несодветни за возраста на учениците“, потенцира Атанасов.

Еден од приоритетите е наставните предмети да се ослободат од непотребни и штетни содржини, особено од оние што поттикнуваат агресивност, нетолеранција, омраза и дискриминација.

„Секако дека посебно внимание ќе се обрне на учебниците по историја, каде треба да се усогласат државните наративи и лекциите од нашата блиска и подалечната историја. Ова воопшто не е лесна задача. Децата можеби не треба од мали да ги оптоваруваме со предрасуди и омраза, особено кон соседите, во време кога Европската Унија нуди интегративен модел и на политички систем и на заеднички вредности. Но, со ова треба да се занимаваат експерти и професори, а не политиката. Во таа насока треба да се сфатат и повиците на политичарите да се свртиме кон иднината и да учиме како да соработуваме во иднината, а не да се мразиме поради минатото. Постои изрека дека ‘Балканот е место каде има премногу историја и војни, а премалку периоди на мир и соработка’. Да ги искористиме можностите во процесите на европеизација на Македонија“, порачува Атанасов.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини