Македонија може да се најде во опасен „сендвич“ и поради економските мигранти кои ќе бидат враќани од север и поради бегалците што ќе доаѓаат од југ, велат аналитичари за Дојче веле

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, викендов ќе оствари итна посета на трите балкански земји – Србија, Албанија и Македонија, кои се главна рута на бегалците од воените конфликти на Блискиот Исток, но и на економските мигранти. Посетата се реализира откако Словенија, Хрватска, Србија и Македонија воведоа „филтер“ во пропуштањето на бегалците. Транзит до земјите на ЕУ им е овозможен само на бегалците од воените конфликти во Авганистан, Сирија и Ирак, а не и на економски мигранти од Иран, Пакистан и други земји.

Како што јавува МИА од Брисел, во сабота попладне Туск најпрво ќе се сретне со српскиот премиер Александар Вучиќ во Белград, во недела наутро во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама, а напладне во Скопје со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и со премиерот Никола Груевски. Иако причините за итната посета од Советот не ги соопштуваат, извесно е дека повод за неа е бегалската криза. Според МИА, намерата е во Македонија, Србија и другите земји по должината на западно-балканската бегалска рута привремено да сместат 50.000 бегалци.

Капацитет за 2.000 бегалци

Доколку ваквите најави и официјално се потврдат, Македонија ќе биде соочена со два предизвика: првиот е безбедносен, а вториот го отвора прашањето на финансиски и сместувачки капацитети за хуман третман на толку голема бројка бегалци. Претседателот Ѓорге Иванов, кон крајот на октомври изјави дека Македонија има капацитет привремено да згрижи само 2.000 бегалци.

„Имаме капацитет за 1.500 лица на влез во државата, во Гевгелија, и за 500 лица на излезот на државата на северната граница. Но, не станува збор за кампови, туку само за привремени прифатни центри и само за привремен престој, се додека не го продолжат својот пат“, потенцираше Иванов.

Бегалци во Сирија

Иако можноста од ваков развој на настаните не беше исклучена, таа стана поизвесна по самитот во Брисел посветен на бегалската криза.

„Ние не можеме нашата земја да ја претвориме во огромен бегалски камп“, реагираше грчкиот министер за миграција, Јанис Мусалас, коментирајќи дека на тоа би можеле да се сведат плановите за кои се дискутираше во Брисел. Но, таа опасност не е надвисната само над Грција, туку и над Хрватска, Србија и Македонија, на кои им се заканува реална опасност да бидат претворени во огромни прифатни кампови, во кои луѓето би чекале за да го продолжат патот понатаму или да бидат вратени назад. Од вчера, по селектирањето на лицата кои можат да го продолжат транзитот, сите земји од балканската рута се соочуваат со непропуштени, односно вратени економски мигранти кои сега остануваат на „ничија земја“. Загреб завчера го одби барањето на Словенија за реадмисија на 162 економски мигранти во Хрватска. Хрватскиот министер за внатрешни работи, Ратко Остојиќ, смета дека тоа е проблем кој требало да биде решен уште на неговиот „извор“, односно во Грција и Турција, каде мигрантите требало да бидат обесхрабрени за влегување во ЕУ. Смета дека решението на овој проблем треба да се бара во координирана акција на сите земји од балканската рута.

„Сакаме да ја превенираме опасноста од можен повратнички бран на економски мигранти. Не можеме да се доведеме во ситуација Хрватска да се затрупа. Барањето на Словенија го одбивме, но веднаш ги известивме колегите од Македонија и Србија дека граѓани на овие земји (Мароко, Бангладеш, Шри Ланка, Либерија, Пакистан, Алжир, Конго, Судан…) повеќе нема да можат да проаѓаат по оваа рута“, изјави Остојиќ.

На ничија земја

Се очекува во Србија да бидат вратени околу 1.000 економски мигранти, за кои во земјата велат дека имаат капацитет да ги примат. Откако вчера и Србија почна да ги враќа економските мигранти, голем број од нив останаа на ничија земја. Дел се сместија во прифатниот центар во Табановце. Таму ноќта ја поминале над 200 луѓе, на кои волонтери од Црвениот крст и невладините организации им поделиле храна и облека, а им било обезбедено и греење. Се чувствуваат беспомошно, бидејќи во Македонија имаат право да останат само 72 часа, а не сакаат да вратат во Грција, односно во земјите од кои доаѓаат. Слична е сликата и на јужната граница. Таму педесетина мигранти од Иран синоќа останаа пред транзитниот центар. Не можат да добијат потврда за да продолжат кон Србија, а исто така не сакаат да се вратат во Грција. Многу од мигрантите кои не се Сиријци, објаснуваат дека работеле во Сирија и морале да избегаат заради воениот терор. Врз основа на тоа бараат и ним да им биде дозволен транзит и да не бидат третирани како економски мигранти.

Бегалци на граничниот премин меѓу Македонија и Грција

Засега не може да се прогнозира колку такви лица кои се веќе влезени во Грција, ќе стигнат пред портите на Македонија. Единствената сигурна прогноза засега е метеоролошката, која од недела најавува врнежи од дожд и пад на температурите, со што во прашање се доведуваат и капацитетите за хуман третман и на новите бегалци и на економските мигранти заглавени на ничија земја. Според аналитичари, Македонија во наредните денови може да се најде во опасен „сендвич“ и поради економските мигранти кои ќе бидат враќани од север и поради бегалците што ќе доаѓаат од југ.

Останува отворено прашањето дали Туск во недела ќе понуди предлог-решенија за овие проблеми, со оглед дека официјален Брисел по теористичките напади во Парис во моментов е повеќе посветен на безбедносни прашања. Токму за нив денеска во Брисел се одржува вонреден состанок на кој ќе учествуваат министрите за внатрешни работи на ЕУ, свикан на барање на францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев. Франција и Белгија на состанокот ќе побараат засилена контрола на надворешните граници на ЕУ и поостри закони за оружјето. На министрите ќе им биде доставен документ во кој се бара „брза ревизија на прописите на шенгенскиот простор“ со цел да се воведе построга гранична контрола./DW

Слични содржини