Анализата на Рамковниот договор ќе помогне да се види што е постигнато во изминатиот период и да се креираат политики коишто ќе ги подобрат меѓуетничките односи што е еден од предусловите за земјата да се доближи до Европската унија.

муса(1)

Ова денеска го истакна вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор Муса Џафери, кој заедно со шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорката Нина Суомалајнен и претставникот на Европскиот институт за мир, Питер Фејт, ја презентираа анализата на договорот на кои во моментот работат работни групи.

– Една од главните точки на состанокот од 2 јуни е Рамковниот договор. Мора да разгледаме кои се постигнувањата. Ова е многу сложена тема затоа што Охридскиот договор и законите кои произлегуваат од него ги опфаќаат сите сфери на живеење, рече Џафери, нагласувајќи дека Охридскиот договор не ги третира само Албанците туку и останатите етнички заедници кои живеат во Македонија.

Мораме да го смениме приодот, рече Џафери, и да гледаме на договорот како на нешто што не е во корист само на Албанците, туку и на помалите етнички заедници. Со негова помош се гради општа кохезија, се создава добра основа и се спречуваат евентуални конфликти до кои може да дојде меѓу етничките групи.

Најави дека до крајот на годинава во план е да се организира и конференција на оваа тема на која ќе присуствуваат и членови на Советот на Европската унија и на меѓународни институции.

Според Питер Фејт, анализата на договорот е нешто што се случува и во други држави кадешто имало сериозен конфликт.

– Редовно се анализира спроведувањето на таквите договори и мислам дека е во корист на државата да се изврши една ваква анализа. Тоа е став и на Европската комисија. Мислам дека не се работи за тоа дека воопшто не постои спроведување на договорот. Според мене, од многу аспекти спроведувањето на договорот се одвива упешно, меѓутоа во поглед на одредени точки земјата и општеството би имале корист од преземање нови чекори, посочи Феит.

Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје оцени дека анализата е добра за иднината на земјата и нагласи дека ја поддржуваат Владата во напорите да се направи една ваква ревизија.

– Се надеваме дека до крајот на годината сеопфатно ќе се изврши ревизијата на статусот на спроведувањето и идните политики кои ќе дадат поголема поддршка на европската интеграција на земјата. Мапирањето на овие предизвици и наградбата на договорот е од суштинска важност за договорот да може да стане модел на помирување и успешна интеграција на општеството, речеСуомалајнен.

На 1 септември Владата започна со втората фаза на евалуацијата на статусот на спроведувањето на Охридскиот договор, која започна во 2012 година. Во моментот на анализата работат шест работни групи со поддршка од Мисијата на ОБСЕ и Европскиот институт за мир.

Рамковниот договор беше потпишан во Охрид од страна на најголемите политички партии по конфликтот во 2001 година./МИА

Слични содржини