ДЗР: Пропусти во работата на Универзитетот Св. Апостол Пaвле

од desk2

Универзитетот за информатички науки и технологии нема доволно редовно вработени професори. Извештајот на државниот ревизор покажува оваа високо образовна институција не го исполнува нормативот според кој барем половина од наставно научниот кадар треба да е во редовен работен однос, со полно работно време, информира Телма.

-Поради недоволниот наставно научен кадар кој е во редовен работен однос, Универзитетскиот сенат во својот состав нема доволен број на легитимни членови, Универзитетскиот совет не е основан а наставно научните совети не се формирани на сите 5 факултети.

Универзитетот склучил поединечни договори со визитинг професори од странство. За дел од склучените договори врз основа на кои се врши исплатата, висината на надоместокот е повисока од онаа што е утврдена со Одлуките на сенатот, поради што во текот на 2015-та година биле исплатени средства во повисок износ од 232 илјади денари.

-Во текот на 2015 година по основ на договори за ангажирање на визитинг професори од странство исплатени се вкупно 2.627 милиони денари ( 42.700 евра). Исплатите по овој основ се вршени без соодетна поткрепувачка документација, односно без евидентни листови кои ќе го потврдат присуството на визитинг професорите. Со увид во авио билетите и распоредот на наставата ревизијата констатира дека професорите не присуствуваат на испитите.

За академската 2014-2015 година и 2015-2016 година склучени се 6 договори за давање на интелектуални услуги со странски наставен кадар, без притоа да биде запазена постапката за избор на наставници од странство. Некои од договорите се склучени без јавен конкурс објавен во релевантни светски медиуми, а во дел не е наведено за која научна област и за кои предмети се ангажира наставникот.

-Исплатени се вкупно 12.681 милиони денари (206.000 евра) по основ на договори за давање на интелектуални услуги со странски наставен кадар без соодветна поткрепувачка документација. Исплатени се средства во износ од 285 илјади денари за сместување на лица во апартмани за потребите на универзитетот, иако не е донесена процедура за користење на таков вид на услуга од страна на вработените на универзитетот.

Во одговорот на универзитетот се вели дека недостигот на кадар во редовен работен однос е проблем со кој Универзитетот се соочува од основањето до денес. Пречка е велат од таму недостатокот на согласност за вработување. Од нивна страна ќе биде испратена ургенција до министерството за образование за забрзување на постапката за одобрување на Правилникот за внтарешна распределба на средствата./Телма

Слични содржини