Природата ви е убава, ама општеството ви е за никаде.

g.mihajlovski200x200

1. ВМРО-ДПМНЕ на сите ни одржа одржа воспитна лекција, преку акцијата што ја изведе против Универзитетот. Како по книга.

Прво, тешко вооружени маскирани полициски единици небаре бркаат терористи на ИСИС, пред две недели упаднаа на Универзитетот за да приведат седум професори за сомнеж за мито. Потоа, на професорите и на студентите им избраа ректор со сила и со турканици. Потоа преку ноќ, без опозиција, изгласаа закон за нов државен универзитет кој ќе го урива монополот на најголемиот и најпрестижен универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Потоа, организираа избори на Студентски парламент по принцип на гласачи од Пустец со носење нарачани студенти, на 30 јуни кога се завршени и предавањата и сесиите, за да им биде поедноставна операцијата за полнење на кутиите. Кога видоа дека Студентскиот пленум се буни, ги украдоа гласачките кутии и избегаа со нив, за да се скријат во своите простории за тајно да си ги бројат гласовите. И на крај, ги натепаа студентите од Студентски пленум што се спротивставија на таквиот начин на гласање за студентски лидер и пријавиле во полиција кражба на избори.

Да погодуваме што ќе биде следното? Следни се поканите за информативни разговори во полициски станици за попречување кражба на избори.

Не ќе да е дека полицијата се исплаши од силата на Студентски пленум. Не ќе да е дека се исплашија од насилство на голораките студенти кои протестираа со седење на земја со кренати раце и викање Уа!, па мораше да интервенираат елитни полициски сили. Дури и водените топови на Ердоган беа спремни за бранење на четирите украдени гласачки кутии.

Надвор од памет е дека скапи елитни единици ќе се трошат на улица за четири украдени гласачки кутии на студентски избори. И дека баш мораше единици за брза интервенција да го бранат редот и мирот од бунтовни студенти.

Ова беше класична показна вежба на ВМРО-ДПМНЕ за тоа што ќе ги снајде сите што ќе се обидат да го спречат Груевски да се спаси од тоа што ја киднапирал државата. Ако вака бранат фалсификат на студентски избори, како ли ќе бранат фалсификат на нормални избори?

Кога гледаш како и полицијата ја користат за да бранат апаши, јасно ти е дека ја грабнале силата и ќе ја користат до крај. Како ли ќе го бранат Груевски ако СЈО побара притвор за него?

2. Не верувам дека некому не му е јасно на што сè е спремен Груевски. Ама, ме интересира како разни Ќосевци ќе најдат оправдание и ќе го бранат ова што го прави владејачката партија. Еве го одговорот. По бурната ноќ, дојде соопштение од СПУКМ во кое се вели дека „изборниот процес се одвиваше во фер и демократска атмосфера, каде што можност имаа студентите да го дадат својот глас и достојно да го изберат својот нов лидер“.

Да бев во Центарот за комуникации, зборот „достојно“, би го напишал со големи букви. И би го поцрнил.

Они ќе продолжат да глумат лудило. И тоа лудило да ни го продаваат како нормалност. Црното ќе биде бело. И ништо не ни можете. А ако се обидете да ни можете, нам ни се може Чавков.

Впрочем, она што го видовме со специјалците што ги влечеа по земја студентите е логично продолжение на тоа што почна на 24 декември, 2012 кога беше повикана полиција да ги исфрли како партали опозициските пратеници и новинарите од Собранието.

Во други земји, граѓаните излегуваат на улица и седат додека не падне власта што тепа народ. Кај нас, ни родителите на студентите не излегоа. А камоли професорите.

3. Ај да го видиме сега новиот ректор на УКИМ, Никола Јанкуловски, угледен професор, почитуван хирург, што спасил стотици животи, кого пациентите и нивните фамилии го гледаат како Господ. Дали ги видел снимките од кои се гледа како неговите студенти ги влечат како партали. За почеток, решил да не го коментира настанот. Дали и тој ќе продолжи да се прави нормален, глумејќи  лудило?

4. Исто како што и министерот за внатрешни работи Митко Чавков глумеше нормалност за време на приемот на Американската амбасада, и од Кале командуваше со акцијата на специјалците за одбрана на украдените избори. Додека во телефон викаше „Ебр за спукм, ебр за спукм!“, сите мислеле дека лошо збори англиски, а тој всушност командувал: „ЕБР за СПУКМ“.

Во исто време, домаќинот Џес Бејли раскажуваше за нивниот влог за владеење на правото во Македонија.

Бејли малку зборуваше за политика. Раскажуваше за националните паркови во Америка. И за убавината на природата во Македонија. Го слушаа градоначалниците што се прославија со тоа што со интервенција на полиција ги сечеа дрвата низ парковите во Скопје и низ Македонија. Од алчност го разораа Водно и ги бетонираа природните плажи. Парковите што Отоманците ни ги оставиле во наследство, а нашите родители плаќаа самопридонес да се направат во урбаните средини, од корумпираност ги претворија во бетонски плочи.

Многумина беа разочарани што американскиот амбасадор не упати остра политичка порака. Рече дека Македонија не е само насловите во вестите, туку и природните убавини.

Појака порака здравје: Природата ви е убава, ама општеството ви е за никаде.

Целата колумна можете да ја прочитате на порталот СакамДаКажам

 

Слични содржини