Еден починат и 27 повредени во сообраќајката на автопатот Велес – Скопје

од Vladimir Zorba

 Едно лице, кое беше потешко повредено во синоќешната сообраќајна несреќа на автопатот Велес – Скопје, почина на КАРИЛ во клиничкиот центар Мајка Тереза.Има и потешко повредени а на едно дете му е ампутиран дел од раката.

Министерот за здравтсво Арбен Таравари преку својот Фејсбук профил информира дека во болниците во Скопје и во Велес биле примени вкупно 27 повредени патници од превртениот автобус.

– Во клиничкиот центар Мајка Тереза донесени се вкупно 17 пациенти од кои четири на КАРИЛ – еден пациент е со абдоминално крварење, еден со торакална сериозна повреда и двајца со торакални повреди. За жал, еден од повредените им подлегна на повредите, информира Таравари. Еден пациент на детска хирургија, бил итно внесен на операција, а двајца пациенти на Неврохирургија, седум на Ортопедија и тројца во Ургентниот центар се задржани на обсервација.

На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, се примени шест лица, од кои само еден повозрасен маж е на интензивна нега, но е во стабилна состојба. Сите други пациенти се надвор од животна опасност.

Во Општа болница Велес се примени четири пациенти и сите се надвор од животна опасност.

Во Градската општа болница „8 Септември“ примен е само еден пациент со сериозни повреди. Тој е во стабилна состојба и надвор од животна опасност.

Сообраќајната несреќа се случи синоќа околу 19 часот кога автобус со македонски регистраски ознаки кој превезувал патници кои се враќале од летување во Грција, изгубил контрола и излетал од коловозот на автопатот Велес – Скопје.

Увид на местото на несреќата извршија на јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес.

Поради сообраќајната несреќа, сообраќајот на автопатот се одвиваше отежнато по една коловозна лента.

Слични содржини