Едмонд Темелко излегува од Шутка, таму помина два месеца – оди во куќен притвор

од desk4

По два месеци поминати во притворското одделение во затворот во Шуто Оризари, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко ќе биде пуштен во куќен притвор, информира ТВ24. Како што потврдуваат од Кривичниот суд, одлуката за притвор е укината и преиначена во куќен притвор. Темелко е обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.

„Кривичниот суд по службена должност во петокот донесе одлука за продолжување на притворот за нови 30 дена. Кривичен совет постапувајќи по барањето на одбраната на Темелко, а со согласност на СЈО, донесе решение со кое го укинува притворот и му определува мерка куќен притвор“, велат од Кривичен.

Темелко беше притворен пред два месеци на барање на СЈО бидејќи не ја почитувал мерката на претпазливост која му беше определена, одземање пасош и забрана за напуштање на државата. Минатава недела неговата партија, Обединетата македонска дијаспора, Македонското друштво „Илинден“ од Албанија и ВМРО-ДПМНЕ побараа ослободување на Темелко поради неговата нарушена здравствена состојба.

Според обвинението, Темелко се товари за три кривични дела злосторничко здружување, повреда на избирачкото право и поткуп при избори и гласање.

„Едмонд Темелко од позиција на претседател на политичката партија Македонска алијанса за европска Интеграција од Албанија заедно со други непознати лица прифатиле да организираат и носат во Република Македонија лица од Албанија и Косово за да на против законит начин им биде определена адреса на живеење во општини за кои создателите на групата сметале дека им се потребни дополнителни сигурни гласачи“, се наведува во обвинението.

На тој начин Темелко обезбедил вкупно 1.198 лица за кои поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкулоска наредила издавање на лични карти и ги внела во Избирачкиот список“, се наведува во обвинителниот акт за „Титаник“.

Покрај Темелко и Јанкулоска во „Титаник“ обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Мартин Протоѓер или вкупно 20 лица. Обвинението за „Титаник“ се уште не е оценето од страна на советот за оценка на обвинителен акт од Кривичниот суд. Советот до сега одлучи бомбите да не бидат доказ за овој предмет, одлука која СЈО ја обжали пред Апелација.

Слични содржини