ЕК: Јункер ја смета Тереза Меј за „импресивна жена и преговарач“

од Vladimir Zorba

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер има високо мислење за британскат премиерка Тереза Меј, изјави шеф на Кабинетот на првиот човек на Еврокомисијата, Мартин Селмајер.

– Претседателот Јункер ја смета Меј за импресивна жена и за импресивен преговарач. Она за што тие двајцата не се согласуваат е дека Брегзит треба да се прогласи за успех, рече Селмајер.

Зборувајќи во името на Јункер, тој објасни дека за претседателот на Европската комисија, Брегзит не е успех, затоа што е тажен настан, бидејќи една досегашна земја членка ја напушта Унијата.

Реакцијата на шефот на кабинетот на Јункер претставува единствен одговор на официјален Брисел на заканата на Меј изречена минатата недела дека претседателот на Европската комисија допрва ќе открие колку таа може да биде „опасно тешка жена“.

Оттогаш трае расправијата проследена со невообичаено остра и груба реторика меѓу Лондон и Брисел и покрај настојувањата на двете страни да се смират тензиите и да се обезбеди мирен старт на преговорите за Брегзит.

Мината недела Меј го пречека Јункер во Даунинг стрит 10 со бакнежи и мирољубиви изјави за претстојните преговори, но работите се изменија откако германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтинг“ обелодени дека работната вечера минала во расправии и несогласувања.

Весникот објави дека Јункер подоцна рекол оти Меј се однесува како да живее во „друга галаксија“ и дека по посетата на Лондон е „десет пати помалку оптимнист“ за претстојните преговори.

Официјален Лондон тврдеше дека текстот во весникот не ја одразува вистинската атмосфера и дека претставува „озборување“.

За смирување на атмосферата се заложија и високи функционери на конзервативците, но нивната лидерка Меј сепак одлучи да му прати заканувачка порака на Јункер.

Неколку дена подоцна таа ја обвини ЕУ, како и „бриселските бирократи“ и медиумите во Европа дека намерно предизвикуваат тензии за да влијаат врз резултатите на предвремените избори во Велика Британија на 8 јуни.

Меј не изнесе никаков доказ за тоа и не нападна поименично никого од функционерите во Брисел, како и од европските лидери, но предизвика остра реакција на домашната политичка сцена.

Сите британски опозициски партии, вклучувајќи ја и УКИП, ја обвинуваат дека со својата „неконтролирана“ реакција создава штетна тензија пред преговорите за Брегзит и дека тоа го прави само од партиски интереси за да ги обезбеди за себе сите гласачи кои се определија на референдумот, за излегување на Велика Британија од ЕУ.

Во сите настапи изминатите месеци отакако е во Даунинг стрит 10, Тереза Меј, министрите привраници Брегзит и антиевропските таблоиди создаваат атмосфера кај домашните гласачи за успешен Брегзит, настојувајќи излегувањето од ЕУ да се прикаже како техничко прашање.

Според нив, со Брегзит нема ништо битно да се измени, но дека Лондон ќе ја преземе контролата врз своите граници и ќе си ги врати надлежностите префрлени на Брисел, а ќе го задржи слободниот пристап на европскиот заеднички пазар, како што тоа беше и досега, што во ЕУ беше означено како „живеење во илузии“.

Слични содржини