Екс-британски амбасадор во САД: Трамп да и се извини на Велика Британија!

од Vladimir Zorba

Белата куќа и претседателот Доналд Трамп да и се извинат на Велика Британија, поради нејзиното вмешување во тврдењето дека британското разузнавање било вклучено во наводно прислушување на „Трамп Тауер“ пред ноемвриските американски избори, бара поранешниот британски амбасадор во САД, Питер Вестмакот.

Во негов авторски текст во лондонски „Гардијан“, Вестмакот остро ја критикува Белата куќа за ваквите „недокажани тврдења“, а посебно затоа што, како што вели, се продолжува со обвинувањето кон Британците, не откажувајќи се од тоа да „се турка и натаму лажното и измислено“ тврдење против британската комуникациска разузнавачка агенција.

Во острата реакција на поранешниот амбасадор, за случајот што за момент ги потресе британско-американските односи во време кога Лондон ја подготвува државната посета на Трамп на Велика Британија, Вестмакот тврди дека однесувњето на Белата куќа кон Британците претставува „опасна игра“ и дека „неоправдано и без причина“ им се наштетува на американко-британските разузнавачки врски.

Реакцијата на Вестмакот доаѓа по невообичаено острата реакција на британската разузнавачка агенција која обвинувањата од САД ги оквалификува како „бесмисленост“ и како „ѓубре што треба да се отфрли“. Веднаш потоа, Даунинг стрит 10 соопшти дека од официјален Вашингтон било добиено ветување дека обвинувањата против Британците нема повеќе да се повторат.

Дел од американските медиуми објавија дека Белата куќа и се извинила на Велика Британија за обвинувањата, но веднаш потоа го пренесоа и демантот на Белата куќа дека имало извинување.

 

 

 

Слични содржини