Eкспертите на Прибе по мониторингот пишуваат извештај. Имаат многу забелешки

од Vladimir Zorba

Експертската група забележа дека две години по првиот извештај, напредокот во спроведувањето на огромниот број препораки е многу слаб. Ова треба да биде причина за сериозна загриженост. Потребата за решавање на овие препораки е итна, пишува во изјавата на Европската комисија по враќањето на експертите од Македонија.

Од 17 до 21 јули во Македонија престојуваа група независни експерти за владеење на правото на Европската комисија. Независните експерти на чело со Прибе пред две години веќе подготвија извештај за владеењето на правото во Македонија. Две години потоа Европската комисија во Македонија испраќа експерти за да видат дали има напредок во решавањето на нивните претходни наоди, за проблемите со следење на комуникациите, за состојбата во судството и обвинителството, за надзорните тела и медиумите и за препораките до новата влада за тоа како да се справат со постојаните системски недостатоци во владеењето на правото.

Групата се сретна со релевантни министри и државни службеници, со претставници на судовите и обвинителствата, со независни и регулаторни тела, медиуми, со граѓанското општество, како и со претставници на владини и опозициски партии и релевантни парламентарни комисии.

 „Во решавањето на овие прашања многу битно ќе биде да не се повторуваат грешките на минатите влади. Голем дел од регулаторната рамка е веќе воспоставена, меѓутоа јазот меѓу законодавството и практиката треба да биде премостен.

Главните теми на разговорите на експертите со властите беа:

• Како да се обезбеди почитување на независноста, соодветна одговорност и ефективно функционирање на органите во судството и обвинителството. Важна е примената на принципот на транспарентна работа…, проценка на перформансите, реформи во системот за дисциплина и разрешување на судиите и обвинителите и обезбедување на неутрална,  неполитизирана алокација на случаи. Исто така, беше дискутирано за идното функционирање на обвинителската служба.

• Како да се подобри системот за следење и надзор? Строга, судска и независна контрола на капацитетите за пресретнување на комуникациите.

• Како да се осигура дека независните регулаторни и надзорни тела имаат капацитет и функционална независност за да ги извршуваат своите надлежности и да ги заштитат индивидуалните права и ефикасно да се борат против корупцијата….

Експертската група врз основа на овие наоди ќе подготви извештај со препораки адресирани до Владата и до сите засегнати страни.

Според оваа експертска група, сите сегменти на општеството, вклучувајќи ја и парламентарната опозиција, јавните институции, медиумите и граѓанското општество, имаат значајна улога во решавањето на овие системски прашања и во враќањето на реформите во земјата“, се вели во изјавата на ЕК.

превод: МКД.мк

Слични содржини