Поделени се мислењата на аналитичарите од политичката сфера околу тоа дали е одржлив договорот што вчера го прифатија претставниците на четирите партии потписнички на Договорот од Пржино. Тие договорија измени на Изборниот законик, дополнителен избирачки список со 171.500 лица, како и проверка на спорните 39.502 лица. Во однос на медиумите, партиите се договориле Законот за медиуми и Изборниот законик да бидат изменети во рок од 15 дена од датумот на овој договор. Ќе се формира ад хок тело за следење на усогласеноста на медиумите со одредбите на Изборниот законик. Во консултација со другите партии, најголемата опозициска партија ќе го номинира главниот уредник на јавниот радиодифузен сервис (МРТВ), но тој ќе биде од страна на експертите во оваа област. Под услов двете страни да потврдат дека има услови за фер избори, новиот главен уредник ќе стапи на функција 100 дена пред изборите.

eksperti-860x680

На крајот од договорот стои дека до 31 август годинава, лидерите на четирите политички партии ќе проценат дали горенаведените чекори се веќе завршени, со што се исполнети условите за одржување на изборите. Лидерите ќе го потврдат ова и на денот на изборите со свој потпис.

Прв двоумење околу целисходоста на договореното на својот фејсбук-профил изрази членот на президумот на Левица, Здравко Савески.

„Толку протести – за што? За СДСМ да прифати договор со ептен скромни отстапки од страна на режимот? Камо неодложна оставка на Владата која дополнително нè задолжи со 450 милиони евра? Или тоа за СДСМ не е баш толку проблематично? Зошто не само ДРПМНЕ, туку и СДСМ се уплаши од експертска влада за организирање на избори? Прифатено е и дека Грујо е легитимен претседател на ДРПМНЕ? Бре, бре, толкаво задоволување со толку ситни отстапки одамна не се видело во кој било преговарачки процес кој треба да обезбеди враќање на демократијата во една земја!“, напиша Савески на „Фејсбук“.

СКЕПСА ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА

Андреја Стојковски, претседател на Македонски центар за европско образование (МЦЕО), исто така мисли дека договорот може да биде и подобар.

– Сепак, најдобро е тоа што Македонија има целосно внимание од меѓународната заедница и покрај случувањата во регионот и во светот. Како и да е, добро е што договор беше постигнат, иако има некои недостатоци кои остануваат да се решат понатаму. Граѓаните би биле посреќни ако беа договорени специјален суд и специјално одделение за СЈО во МВР. Добро е што дел од договор се промена на кадри во Министерството за внатрешни работи, со што министерот ќе има целосни овластувања. Подобро е оваа работа да се заврши што поскоро. За тоа дали е одржлив договорот, би бил скептичен исто колку и другите. Не сме свесни колку други работи може да се направат во меѓувреме и да ги изместат сите работи од редовниот тек, но ако работиме по роковите кои се утврдени, вниманието ќе биде доволно силно за да нè одржи на вистинскиот курс – ни изјави Стојковски.

Марко Трошановски од Институтот за демократија тврди дека досегашниот процес создаде голема правна несигурност кај граѓаните.

– Оттука, исклучително сум резервиран за решенија и за нивниот успех, кој би требало да следува понатаму. Тоа што е исклучително важно кога веќе системски реформи не се договорија за време на пржинскиот процес е тие да бидат приоритет на преодната влада и на таа што ќе се оформи по изборите. Тоа што претходно договореното не се исполни, создава скепса околу исходот на резултатот. Мислам дека најмногу загуби државата со тоа што се испушти можност за системски да се ресетира – вели Трошановски.

Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека договорот на партиите е одржлив по својата структура.

– Тој е коректен, а тоа што главно очекуваа опозициските партии, го добија. Контроверзно е прашањето за СЈО, за Уставен суд, но мислам дека сакале да се обезбедат за удар. Сега е важно имплементацијата да биде под надзор на странците, граѓанскиот сектор и на партиите, но најмногу на странците. Што се однесува до медиумите, само тоа можеше да се договори. Сепак, најважна работа е СЈО да ги издвои криминалците затоа што мора да се издвојат од луѓето кои учествуваат на избори. Криминалците не траба да учествуваат на изборите затоа што тоа би било проблематично – вели Фрчковски.

Вчерашниот договор меѓу четирите партии е добра основа за утврдување правила за надминување на вештачки наметнатата политичка криза, смета професорката Тања Каракамишева-Јовановска.

– Потребна е политичка волја од сите четири страни за да се спроведе договореното – кусо ни изјави Каракамишева-Јовановска.

 

META

Слични содржини