Елон Маск: Не е некултурно да си заминеш од здодевен состанок

од desk2

Елон Маск сака неговите вработени да го намалат бројот и времетраењето на непродуктивни телефонски разговори и состаноци за да го поттикне производството на Tesla Model 3 во наредните неколку месеци.

Работата во фабриките на Tesla во Калифорнија моментално е во застој за да се воведат подобрувања за зголемување на производството од 2.000 на 6.000 возила неделно до крајот на јуни.

На интернет се појави и-мејл од Маск чија содржина ги открива другите начини на кои Маск предлага да се подобри работата.

Во препораките спаѓа заминување од здодевни и  непродуктивни состаноци, отстапки од хиерархијата и повремено игнорирање на правилата.

Tesla мора да го подобри производството ако сака да почне да остварува профит, а досега прекрши неколку крајни рокови и производни цели.

„Не е некултурно да си заминеш од состанок, некултурно е да му го трошиш залудно времето на некого“, вели Маск во мејлот.

Претерана автоматизација

Model 3 на Tesla е наменет за поширокиот пазар, но компанијата заостанува во остварување на производните цели и испорачување на нарачките за 35.000 електрични автомобили.

Високо автоматизираните фабрики наидоа на тешкотии поради кои Маск минатата недела на Twitter објави дека згрешиле со „претераната автоматизација“ и дека тоа е негова грешка и дека „луѓето беа потценети“.

Во мејлот Маск вели дека актуелните технички подобрувања ќе овозможат производството да се зголеми на 3.000 до 4.000 автомобили Model 3 неделно почнувајќи од следниот месец, а со понатамошните подобрувања, до крајот на јуни ќе стигнат до 6.000 возила дневно.

Меѓу другите совети и препораки на Маск, се следните:

– Откажувајте состаноци, а ако веќе мора да ги одржите, нека бидат многу кратки

– Заминувајте си од состаноци и прекинувајте телефонски разговори ако не ви се корисни

– Одбегнувајте акроними и претенциозни зборови. Не мора луѓето да запамтат цел речник на термини за да може да функционираат во Tesla

– Заобиколете ја хиерархијата ако е тоа потребно за да се заврши работата. Менаџерите кои ќе инсистираат на „синџир на хиерархија“ во доделувањето обврски наскоро можеби ќе треба да си бараат друга работа

– Игнорирајте ги правилата ако ви е очигледно бесмислено да ги следите во конкретниот момент.

Минатата недела Маск откри дека е под голем стрес и дека компанијата поминува низ „производствен пекол“ и дека почнал да спие на каучот во канцеларијата во фабриката за да заштеди време.

Слични содржини