Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави за американската телевизија Си-Ен-Ен дека за неколку минути ја избегнал смртта, пред пучистите да бомбардираат летувалиште во југоисточна Турција, каде тој бил на одмор минатиот викенд. turskite-vlasti-mu-go-ponishtile-pasoshot-na-fetulah-gjulen-225332-1200x545_c

Во интервјуто емитувано синоќа Ердоган изјави дека војниците, кои го поддржале превратот, убиле двајца негови телохранители при нападот во летувалиштето ноќта во петокот спроти саботата.

– Јас останав уште десет до 15 минути, а во спротивно ќе бев убиен или киднапиран, изјави Ердоган.

Тој инсистира САД да го екстрадираат во Турција исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, поради, како што рече, неговата улога во осуетениот обид за воен удар.

– Имаме спогодба за взаемна екстрадиција на криминалци. Треба да има реципроцитет во тие работи, дури и доколку некое лице е државјанин на САД. САД не треба да заштитуваат таков терорист. САД треба да го екстрадираат тој човек во Турција, рече турскиот претседател.

Тој ги отфрли тврдењата дека обидот за преврат ќе му даде оправдание за вршење репресии. – Сакам да знам како изгледаат репресиите од Таип Ердоган. Тоа е клевета. Ако Таип Ердоган беше некој кој врши репресии, немаше да добие 52 отсто од гласовите на претседателските избори, додаде тој.

Ердоган изјави дека турскиот народ сака да биде обновена смртната казна укината во 2004 година и да им биде пресудена на учесниците во обидот за пуч.

– Луѓето на улиците тоа го сакаат. Луѓето на улиците сметаат дека терористите треба да бидат убиени. Зошто да ги држиме и храниме во затворите следните години, тоа велат луѓето, додаде Ердоган.

Во меѓувреме Ѓулен изјави дека не стравува од евентуална екстрадиција во Турција.

– Немам никакви лични стравувања, рече тој пред новинарите на имотот во Сејлсбург во сојузната држава Пенсилванија, каде живее од 1999 година.

Ѓулен напомена дека турската Влада напразно побарала екстрадиција по избувнувањето на корупцискиот скандал во Турција во 2013 година, кој доведе до оставка на тројца министри.

– САД се правна држава. Правото тука е над сите. Сметам дека оваа Влада нема да обрне внимание на нешто, кое не е основано од правна гледна точка, рече 75-годишниот поранешен имам.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави вчера дека нема да има екстрадиција на Ѓулен при недостиг на докази, кои треба да ги достават турските власти.

Портпартолот на Белата куќа, Џош Ернест, пак, изјави дека САД не му обезбедуваат засолниште на Ѓулен и оти ќе го разгледаат евентуалното барање за негова екстрадиција.

– Не е точно тврдењето дека САД го штитат Ѓулен, додаде Ернест и напомена дека барање за екстрадиција не е доставено.

Слични содржини