Ердоган: Со Трамп очекувам напредок во турско-американските односи

од Vladimir Zorba

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави оти верува дека турскиот дијалог со САД ќе напредува по стапувањето на должност на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и дека двете земји ќе постигнат консензус за регионалните прашања.

– Верувам дека ќе го забрзаме дијалогот кога Трамп ќе ја преземе должноста. Верувам дека ќе постигнеме консензус со Трамп, особено во врска со регионалните теми и дека ќе постигнеме брз напредок, истакна Ердоган пред турските амбасадори на конференцијата во Анкара.

Турција бара од САД да го екстрадираат исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за преврат во јули минатата година. Актуелната администрација во Вашингтон го одби ваквото барање со образложение дека не добила недвосмислени докази за вмешаност на Ѓулен во превратот.

Исто така, двете земји кои се сојузници во НАТО имаат несогласувања во врска со американската поддршка на милитантната група на сириските Курди, Сили за заштита на народот, кои Анкара ги смета за терористичка организација поврзана со Курдската работничка партија (ПКК).

Слични содржини