ЕУ, САД, ОБСЕ и НАТО: Сериозна загриженост дека властите не успеаја да го спречат нападот

од Vladimir Zorba

Делегацијата на ЕУ во Скопје, американската амбасада, мисијата на ОБСЕ и канцеларијата на НАТО во заедничка изјава најостро го осудија, како што наведуваат, организираниот напад во Собранието.

„На најсилен можен начин го осудуваме организираниот напад врз Собранието. Изразуваме сериозна загриженост дека властите не успеаја да го спречат нападот и дека не ја обезбедија неопходната заштита за членовите на Собранието и присутните новинари. Нападот врз државна институција која е срцето на демократијата е над врз самата демократија“, се наведува во заедничката изјава.

Во соопштението тие велат дека очекуваат кривичните дела да бидат брзо истражени, дека организаторите и извршителите на нападот ќе бидат изведени пред лицето на правдата, а судовите дека ќе делуваат самостојно.

„Очекуваме државните институции брзо да преземат соодветни мерки. Ги повикуваме сите актери да се однесуваат одговорно и да придонесат за мирен демократски процес на кој мора да му се дозволи да се одвива по својот тек. Воедно ги повикуваме граѓаните да бидат воздржани, да избегнуваат провокации и да останат смирени. Насилството не е начин за остварување напредок на земјата и општеството“, се додава во заедничката изјава./META

Слични содржини