Eвропатеникот Вајгл: Груевски ни кажа дека не му се оди во затвор, па затоа ќе оди до крај

од desk2

Европратеникот Иво Вајгл изјави дека ситуацијата во Македонија е сериозна и дека се можни и најцрните сценарија, како и тоа дека Груевски им кажал дека ќе оди до крај, бидејќи не сака да лежи во затвор, ја пренесе вчера информацијата Ал Џезеира.

„Ситуацијата во Македонија е многу сериозна, но се уште не е крајно алармантно“ изјави Вајлг, пратеник во Европскиот парламент.

„Секој ден нешто се случува. Сега во Собранието се договорија за некаква кадровска комисија. Оние кои треба да формираат влада дозволија претседателот на Комисијата да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, така што ова е знак на толеранција“ рекол Вајгл, пренесен од агенцијата Анадолија.

„Најкарактеристична е сепак изјавата која што ни ја даде Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе инсистира до крај, дека не му се оди во затвор. Доколку тој е мотивот на сето ова, тогаш тоа значи дека уште долго нема да има компромиси“ навел Вајгл.

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се потенцира дека европратеникот Иво Вајгл или нешто не разбрал или свесно се става на страна на Зоран Заев и на неговите сценаристи за пласирање на лаги и измислици, доколку воопшто дал таква изјава каква што е објавена.
„Најостро демантираме дека претседателот Никола Груевски дал изјава каква што Иво Вајгл ја пренесува преку медиумите. Со ваквите малициозни дезинформации, доколку воопшто ги дал Иво Вајгл, тој служејќи на нечии интереси само долева масло на огнот во актуелната политичка криза, наместо јавно да ја осуди тиранската платформа и мешањето на соседни држави во внатрешните работи на Република Македонија. Главниот акцент на разговорите со господинот Вајгл и останатите европретставници беше ставен на неопходноста од нови предвремени парламентарни избори како најдобар начин за излез од актуелната криза„ се посочува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Вајгл, сега парламентарно мнозинство, предводено од СДСМ, има можност за формирање влада.

„Тие можат, на основа на мнозинството кое што го имаат, доколку дојде до свикување на парламентот, да изберат влада и да го заобиколат Иванов“ смета Вајгл.

„ВМРО-ДПМНЕ безкомпромисно повикува луѓе на улица и тие маршираат. Се плашам дека работите на улиците може да ескалираат, но не можеме да предвидиме како. Не сакам да зборувам за најцрни сценарија, меѓутоа, таму се можни. Секој ден има се повеќе поттикнување на омраза против Албанците. Веројатно и другата страна го прави истото. Албански јазик не знам, па не можам да ги пратам нивните медиуми“ наведува Вајгл.

„Европските институции прават се што можат. Бевме таму, беше европската комесарка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Европската унија има можност да делува на земјата кандидат каде што се случуваат работи кои што се вон степенот на можна толеранција. Постојат работи, но јас не сакам да зборувам за тоа. Нема да зборувам за санкции, нема да зборувам за казнување, нема да зборувам за крајните последиците, бидејќи работите се уште не стигнале до таму. Се уште постои можност за некаков расплет. Барем се надевам“ заклучи Вајгл.

Во интервјуто Вајгл наведува дека предложил состанок на Никола Груевски и Зоран Заев за да може двајцата во четири очи да се договорат во кој правец се движи земјата.

Слични содржини