Европратениците ја поздравија Стратегијата на ЕУ

од Vladimir Zorba

Членовите на Европскиот парламент  го поздравија усвојувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ за Западен Балкан, истакнувајќи дека за членство во Унијата на овие земји потребни се напори од двете страни.

Пратениците, исто така, истакнаа дека без земјите од Западен Балкан нема ниту мир ниту стабилност во ЕУ.

– Западен Балкан, опкружен со земји-членки на ЕУ, сега има јасен европски пат, рече Франц Богович од Словенија.

Тој во дебатата, сепак, истакна дека пред членството во Унијата, земјите од Западен Балкан мора да исполнат одредени критериуми – да се ослободат од корупцијата, да го подобрат владеењето на правото, да воспостават регионална соработка и да имаат визија за иднината, а да го заборават минатото.

Поранешниот специјален претставник на ОН за Косово, пратеникот Едвард Кукан од Словачка, оцени дека проширувањето е од стратешки интерес за ЕУ, но забележа дека за тоа ќе бидат потребни напори од двете страни.

Известувачот на ЕП за Косово Игор Шолтерс оцени дека Стратегијата на ЕУ е составена „на позитивен начин, во оптимистички тон“ и оти вратата е отворена за понатамошни членства.

– Пред нас е време е за нови шанси, нови можности, рече Шолтерс.

Известувачот на ЕП за БиХ, Кристијан Дан Преда, Стратегијата ја гледа како можност да се потврди посветеноста на регионот на Западен Балкан и на земјите да им се понуди „веродостојна перспектива за проширување“.

Тој сепак нагласи дека веродостојна перспектива за него значи „јасна временска рамка за сите земји, а не само на две земји“.

Слични содржини