„Македонија е како тело со нарушен имунолошки систем. Земјата може да ги надмине хроничните политички кризи само доколку го зајакне својот одбранбен систем. Во тој поглед клучни се две нешта: влез во НАТО и надминување на етничкиот конфликт меѓу Македонците и Албанците.“ Ова е воведот во текстот на Франкфуртер алгемајне цајтунг во кој преку разговор со лидерот на ДПА, Мендух Тачи се анализира состојбата во земјата и меѓуетничките односи.

ФАЦ: Логично е на Македонија да и се одземе препораката

Воведот е всушност оценка која ја дава Тачи, но не како политичар, туку како лекар- неговата матична професија, пишува ФАЦ.

„Ставот на доктор Тачи повеќе е пресуда отколку дијагноза, затоа што за терапијата тој не препорачува медикаменти, туку едно мало чудо: решение на спорот за името со Грција.“

Влезот во НАТО, анализира весникот натаму, е една од малкуте цели за која во Македонија има широко единство.

„Од гледна точка на Албанците тоа ќе биде гаранција за почитување на нивните права, од гледна точка на Македонците, пак, со тоа ќе се надмине опасноста дека нивната држава може да се распадне по етнички линии“.

„Членството во НАТО ќе значи дека сигурна иднина за земјата“, вели Никола Димитров, поранешен високо рангиран македонски дипломат кој бил вклучен и во евро-атлантската интеграција и во преговорите за името.

Оттука натаму, текстот се префрла исклучиво на домашни политички теми. Тачи оценува дека грчката блокада на евро-атлантските интеграции придонела владата се сврти кон националистичка политика.

„Македонците се обидуваат во 21. век да изградат етничка држава од 19. век. Албанците не можат да прифатат ваква држава“, вели Тачи.

Пресликан клиентелизам

На другата страна на анализата е ДУИ на Али Ахмети, или како што ја опишува ФАЦ, партијата која е на власт речиси непрекинато од 2001 година и која во мнозински албанските општини „изградила клиентелистички систем кој ја пресликува состојбата на македонската страна“.

„Ахмети нема никаков интерес да работи на надминување на принципот на етничка сегрегација. Таа му овозможува сигурно учество во владата сѐ додека успева да ја одржи доминацијата меѓу Албанците – сеедно кој е победникот кај Македонците.“

„(…)Според анкетите, ДУИ на Ахмети ја губи поддршката. Но тој за тоа не сака ни да чуе: тој набројува успеси кои од ДУИ направиле најсилна партија, од основањето на втор универзитет на албански јазик, па до поставување споменици на албански национални херои во Скопје. Кога го слуша човек Ахмети може да си помисли дека Македонија, и покрај малите турбуленции, е на добар пат: ‘Откако се изборивме за етничките права, сега работиме на економски развој’“.

„(…)Конфликтите во албанската заедница покажуваат дека проблемите во Македонија не лежат само во, од Грција блокираната интеграција со Западот, туку и во самото општество. Но јазолот од домашни конфликти и надворешнополитичка бесперспективност ја врзува Македонија, каде до пред 10 години беше забележлив некаков напредок, за своите проблеми. И тоа ја претвора во земја во која, што и да направи ЕУ ќе биде погрешно: со оглед на корупцијата и дефицитите во делот на правната држава и слободата на медиумите кои стануваат очигледни во актуелната криза, логично би било да се одземе седумгодишната препорака на ЕК за почеток на преговори, ако заради ништо друго, тогаш барем заради тоа на другите владетели на Балканот со слични тенденции да им се покаже минимум веродостојност“, пишува германскиот ФАЦ./ пренесе Либертас

Слични содржини