Пратеничката во Европски парламент Тања Фајон денеска изјави дека поради недостиг на договор во Босна и Херцеговина, како и поради комплексната структура на државата и отсуството на искрена желба од лидерите успорен е патот на земјата кон Европска унија.

Таа за агенцијата ФЕНА изјави дека „БиХ многу често е најслаба алка во ланецот западнобалкански држави на патот кон Унијата“.

– Би сакала 2018 да биде година кога БиХ ќе добие статус на кандидат и потсетувам дека тоа е исклучително во рацете на лидерите на БиХ, посочи Фајон.

Таа истакна дека во ЕУ постои „пријатна клима“ за проширување кон Западен Балкан и оти сите со нетрпение ја очекуваат стратегијата за проширување, чие објавување е најавено за почетокот на февруари. Стратегијата ќе содржи конкретни чекори што државите ќе треба да ги направат на патот кон членството во ЕУ.

– Ако на почетокот на мандатот на Комисијата предводена од Жан Клод Јункер добивме јасна порака дека во петгодишниот период нема да има нови членки и проширување, сега, кога полека се движиме кон крајот на мандатот, имаме јасни пораки дека Брисел очекува во догледно време да се придружат земјите од Западен Балкан.

Таа истакна дека ЕУ на некој начин повторно „пружа рака“ и даде на знаење дека го сака регионот во својот „двор“, а сега на ред се државите од регионот со „конкретни резултати во спроведувањето реформи да го искористат поволниот момент и да покажат дека навистина сакаат да и се придружат на ЕУ“..МИА

Слични содржини