Што знаеме, а што не знаеме за случувањата во Куманово? Што се фактите, а што се дезинформациите кои се пласираат пред јавноста?

DDFE36ED-A435-4A55-8AB8-C75ED9196C73_w974_n_s-540x358

Факти:

Факт е дека има загинато луѓе. Премногу за полициска акција.

Факт е дека во историјата на Република Македонија нема ниту една полициска акција во која за така краток временски период изгинале толку многу луѓе.

Факт е дека во нашиот закон е предвидена задолжителна судско-медицинска обдукција на загинатите зада се дознае засекој човек поединечно како загинал, и факт е дека луѓето се погребуваат без да добиеме информација дали ваква обдукција е направена. Не знаеме кој ги убил. Не знаеме како ги убил. Не знаеме дали имало можеби грешка во опремата, во поставеноста во начинот на спроведување на акцијата или пак можеби нешто друго уште пострашно …

И, факт е дека ниту еден од функционерите во власта не спомнува истрага или барање одговорност на оние кои се на власт, кои ја подготвувале и спроведувале оваа акција, за смртта на толкавиот број загинати луѓе.

Дезинформации/контрадикторности/оправдувања

Наместо барање одговорност од оние кои единствено можат да бидат одговорни (претставници на државните структури и високи функционери во власта) се бараат и се нудат оправдувања, и, се лоцираат надворешни кривци.

Власта ја пласира тезата дека случувањата во Куманово се резултат/последица од барањата на граѓаните за оставка на актуелната владеачка структура. Од пораките кои ги испраќаат министерката за внатрешни работи, премиерот и претседателот на државата произлегува дека ова ни се случува заради тоа што граѓаните побараа оставка од министерката за внатрешни работи, заради тоа што побараа јавното обвинителство да си ја врши работата, затоа што се побунија против крадењето и мамењето.

ВМРО-ДПМНЕ денес ги повика и сите политички партии да се однесуваат одговорно и да не дозволат дневната политика да предизвика дополнителни штети

Како што веќе ве информиравме, Министерството за внатрешни работи утринава отпочна акција за откривање и разбивање на поголема вооружена терористичка група, која според оперативните сознанија со кои што располагавме, сакала да го искористи актуелниот политички момент и имала за цел да организира напади врз државни институции.

Заев со бомбите ги загрози капацитетите на безбедносните служби

На крај, на тој пат ќе ни биде потребна поддршката и од меѓународната заедница. Со години ги предупредувам дека статус-кво ситуацијата во евроатлантските интеграции ни создаваат фрустрации во политичкиот и меѓуетничкиот живот и нè прават ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.

Мора да се надминат тесно-партиските интереси. Да се обединиме околу највисоките цели – стабилна, просперитетна, европска и евроатлантска Македонија. За оваа цел да престанат личните и меѓупартиските конфронтации. Видовме што тие ни донесоа.

Нема оправдување за секој оној што не се однесува согласно овие цели.

Факти

Факт е дека има убиени луѓе и заробени луѓе во униформи со обележја на УЧК или во обична облека.

Факт е дека нема цврсти податоци за групата за која станува збор.

Контрадикторност – терористи ли се криминалци ли се?

Се зборува за терористи (и тоа од голем калибар), меѓутоа не е даден ниту еден податок дека навистина станува збор за терористичка група која претходно делувала, која веќе има спроведено акции ниту пак се даваат докази за тоа што подготвувале во Република Македонија.

Станува збор за една од најопасните терористички групи кои беа закана за целиот регион и која изминативе години беше инволвирана во бројни напади, а нејзините членови беа предмет на меѓународни потерници за најтешки кривични дела.

Не е даден ниту еден податок кој би го поткрепил ова тврдење (кога е формирана групата, каде делувала, кои терористички акции до сега ги спровела).

Дел од овие лица, македонски државјани и претходно се кривично гонети за најтешки кривични дела како убиства, разбојништва, тешки кражби и други дела од областа на насилниот криминал

Оваа изјава не дава податоци дека станува збор за терористи, туку дава податоци за полициско досие на одредени луѓе. Во соопштението на МВР се истакнува дека:

Според сомненијата, лидери на оваа група се озлогласените Мухамед Красниќи таканаречен командант Малишева, Мирсад Ндрецај таканаречен командант НАТО, Сами Укшини таканаречен командант Соколи, Бег Ризај алијас командант Бегу и Деме Шеху, алијас Јунику.

Според првичните сознанија, тројца од нив синоќа и се предадоа на полицијата, но сеуште се работи на потврдување на нивниот идентитет.

Нема вистински податок, нема доказ, нема тврдење. Официјален претставник на Министерството за внатрешни работи изнесува пред јавноста лични податоци за луѓе за кои постои сомнение дека се вмешани во одредено криминално дејствие. Ова значи дека сомнение или шпекулација стануваат дел од офиијална изјава на Министерството за внатрешни работи.

Шпекулацијата се претвора во приказна:

Оваа терористичка група била составена од борци кои зад себе имаат богато воено искуство. Припадници од оваа група се дел од таканаречените „кучиња на војната“, платеници кои учествуваат во повеќе актуелни војни.

Истите имаат искуство од војување во три војни зад себе Косово, конфликтот од 2001 во Македонија како и војните во Сирија. Се работи за луѓе кои се платеници и добро обучени и кои дејствуваат со терористички методи.

Во говорот на Груевски одржан на 1.05.2015 во 15 часот:

Од првичните сознанија, додаде, запознаен сум дека значаен дел од групата се лицата кои неодамна го извршија терористичкиот напад на полицискиот објект кај Гошинце и првичните информации укажуваат и дека дел од лицата се учесници во неколку конфликти досега, делумно во овој регион, а делумно на Блискиот Исток, што укажува дека се лица со огромно искуство за герилско и терористичко војување и се сметаат за најопасна терористичка група на Балканот.

Контрадикторност – зошто се собрале?

Цело време како цел на наводната терористичка група се спомнува “дестабилизација на Македонија“.

Спречена е намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата, кои имаа за цел предизвикување сериозна дестабилизација, хаос и страв.

Меѓутоа, нема ниту еден проглас на наводната терористичка група, така што за евентуалните цели и/или намери може само да се шпекулира.

Контрадикторност – колку биле?

Министерката за внатрешни работи изјавува дека “Во моментов се уште трае операцијата на теренот и ќе продолжи се додека не сме сигурни дека и последниот терорист не не неутрализиран.“

Терористичката група која беше стационирана во неколку објекти и претставуваше закана по безбедноста на граѓаните и на Република Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана.

Оваа изјава е контрадикторна и манипулативна заради тоа што полицијата не го знае точниот број на вооружени луѓе и никако не може да биде сигурна дека и последниот терорист е неутрализиран (што и да подразбира под овој термин).

За тоа дека воопшто не се знае точниот број на жртвите потврда е и изјавата на Груевски.

Терористичка група од над 40 добро вооружени лица

Според официјалното известување на МВР

Како што веќе соопштивме во текот на вчерашниот ден на полициските сили им се предадоа повеќе од 30 терористи, главно македонски државјани и еден албански државјанин.

Според медиумите блиски до власта:

Најголемиот дел од нејзините 50-тина членови се од Косово и Прешево, но имале и логистика од локалното население во помал обем

И според многу прецизната информација на Сител ТВ:

Станува збор за 18 лица, државјани на Косово, две лица државјани на Р.Македонија со привремен престој во Косово, 9 лица државјани на Р.Македонија и едно лице албански државјанин со престој во Германија. Повеќето од нив се произнеле дека во Р.Македонија се влезени на илегален пат.

Факти

Факт е дека во многу елементи спроведената акција повеќе наликува на воена акција која се спроведува на непријателска територија отколку на полициска акција на сопствена територија.

Во прилог на ова зборува местото на акцијата, употребената механизација и оружје и отсуството на почитување на одредбите на Законот за полиција.

Факт е дека беа доведени во опасност луѓето кои живеат во населбата и пошироко во Куманово.

Евакуацијата на населението е започната многу по започнувањето на самата акција

Факт е дека нема никакво известување или пак веќе спроведена акција или испратена порака од кои може да се утврдат намерите, целите на наводната терористичка група.

Дезинформации/контрадикторности/оправдувања

Високи државни функционери прават отворена шпекулација со која се легитимизира акцијата и покрај тоа што се уште не се откриени мотивите и целта, кои според Груевски “…ќе бидат предмет на натамошна истрага

Прво се спомнува намера за напаѓање на државни цели:

огромна закана по државните институции, но и по безбедноста на сите граѓани

Потоа се планираниот атак се проширува и на цивилни цели.

терористички напади кон цивилни и државни цели.“

За на крај да се претвори во масовни убиства

планираа масовни убиства во Македонија

односно

беше со намера да извршува крупни терористички напади врз државни и цивилни објекти, врз полициски станици, шопинг молови, спортски натпреваи и слично

Во досега најтешката, најсложената и најкомплицираната операција на полицијата, наведе Груевски, животот го загубија осум полицајци, кои со нивните колеги полицајци спречиле убиства можеби на 8 илјади луѓе.

Овие изјави ги следи канонада од слични дезинформации во сите провладини медиуми:

Терористите сакале истовремено да нападнат пет полициски станици

Полицијата која во текот на вчерашниот ден дејствуваше на сузбивање на терористичката група во Куманово и која во поголемиот дел разбиена, имала за цел терористички напади врз цивилни објекти и предизвикување на огромна штета со цел привлекување на внимание и создавање на тензија и страв кај населението.

На целата акција и се даваат размери и значење кои не се со ништо потврдени.

Странските служби морале да знаат за Куманово, ова е аларм за целиот регион!

Факти

Факт е дека е создадена ситуација во која спласнаа демонстрациите против власта и е отежнато одржувањето на вакви демонстрации во наредниот период

Во тој правец барам целокупното македонско општество, особено политичките лидери, да пристапиме кон политички дијалог, кон надминување на сите слабости што во континуитет ги нотира Европската комисија.

Ѓорѓе Иванов најнеприкриено го соопштува ова:

Политичкиот дијалог во земјава предолго го нема. Крајно време е лидерите на политичките партии да почнат да разговараат и да бараат решенија за политичката криза.Искрено жалам што требаше да дочекаме вакви моменти за да седнеме на заедничка маса. Тоа е тоа што граѓаните го очекуваат од нас.

Факт е дека најотворено се пласираа барањата за единство

На Македонија и е потребно единство

Факт е дека Ѓорѓе Иванов тврди дека партнерските служби не виделе постоење на ваков вид закана:

За оваа група во почетокот на 2015 година писмено информиравме 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат.

Факт е дека Претседателот ја напуштил државата непосредно пред спроведување на акцијата за која потоа тврди дека е од најголема безбедносна важност и со најголем безбедносен ризик.

Неговата изјава дека:

Во изминатиот период имав безбедносни консултации на редовна, но и на вонредна основа, за намерата на оваа група, при што беше констатирано дека оваа група нема поддршка ниту во Република Македонија, ниту во регионот. Знаевме дека групата е сочинета од екстремно- криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини. Во ниеден момент и на ниеден начин не ги потценивме, ниту можноста, ниту намерата и капацитетите на оваа група да извршат терористички напади. Затоа беше со толкав обем и акцијата за нивно неутрализирање. Затоа, за жал, плативме висока цена со човечки животи.“ вкрстена со податокот дека во истиот тој период заминал надвор од државата (на прослава во Москва) се јасен показател за неговата неинформираност или …?

Факт е дека акцијата е спроведена во максимално опасни услови за полицијата

Станува збор за специфично подрачје со тесни улички и голем број куќи кои се збиени што преставува дополнителен ризик за полициските единици кои дејствуваат на терен.

Факт е дека Груевски упати директни закани кон сите оние кои размислуваат поинаку од власта и кои ќе се испречат на зацртаниот пат на власта

Ваквите лица и настани нема да ја одвратат Македонија од нејзиниот зацртан пат кон стратешките цели на државата и на сите нејзини граѓани. На сите оние кои размислуваат да и нанесат зло на државата и на народот им порачувам дека ќе завршат како оваа терористичка групација во 28-те часови, рече Груевски.

Факт е дека Груевски забрани било каква анализа и коментирање на спроведената акција

– Да се коментира за професионалноста на учесниците и нивните старешини без да се види како и под кои услови била изведена активноста, да се борат за политички поени на грбот на жртвите и ранетите, да се испраќаат заканувачки пораки заради дневно-политички поени е крајно кукавички чин. Но, тоа ќе го оставам за некоја друга прилика, посочи Груевски.

Имам право да мислам.

И имам право да го искажувам своето мислење.

Ова право е во основата на секоја демократска држава и според Уставот на Република Македонија не може да биде ограничено ни во услови на вонредна или воена состојба.

Имајќи ги предвид изнесените факти и посочените контрадикторности и шпекулации, јас го искажувам својот сомнеж.

Се сомневам во секој збор искажан од страна на претставниците на власта, секое нивно објаснување и тврдење поврзано со крвавите случувања во Куманово. Се сомневам во начинот на кој загинале припадниците на безбедносните сили. Многу се сомневам. Се сомневам затоа што се погребани без да се изврши судско-медицинска обдукција и без да се направи истрага во врска со нивното убивање (на што упатува и барањето на мисијата на ОБСЕ: Враќањето на безбедноста е од суштинско значење, а прецизното објаснување на настаните преку темелна истрага на надлежните органи, ќе помогне во тоа.)

Се сомневам во намерите на високите функционери во власта да ги затворат и најмалите испусти на бедните остатоци од демократија во државата.

Се сомневам дека станува збор за крвав обид за заштита на криминалот на високи функционери во власта. Се сомневам дека се злоупотребува полицијата и се жртвуваат припадниците на безбедносните сили.

Се сомневам, дека зад патосот со кој се прогласуваат загинатите за херои се кријат калкулации и лична добивка. Се сомневам затоа што не се спомнува лична одговорност за она што се случило, не се спомнува истрага и не се спомнува потреба од идентификување на грешките.

Мирјана Најчевска

Извор: Квадратура на кругот

Слични содржини