ФАЦ: Ќе му помогнат ли Албанците на Заев да го прогони Груевски?

од Vladimir Zorba

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска ја анализира постизборната состојба во Македонија и можните коалиции кои во иднина би ја предводеле владата. Клучното прашање гласи: Ќе помогнат ли Албанците да се урне Груевски?

Mazedonien Jubel Wahlen Zoran Zaev (picture-alliance/dpa/V. Xhemaj)

Погледот кон Македонија повторно се врти поради проблемот со бегалците и фактот дека земјата важи за главна „порта“ за нивното движење кон западна и северна Европа. Од овој аспект, во текстот под наслов „Гнилата порта на балканската рута“, ФАЦ оценува дека по изборите од декември, битката за власт во земјата е возбудлива, набројувајќи ги притоа поделбата на пратеничките места меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и вмешувањето на албанскиот премиер Еди Рама во изработката на заедничката платформа на албанските политички партии во Македонија.

„Порано, Груевски и другите изборни победници се обидуваа своите помали албански партнери да ги свртат едни против други. Доколку една албанска партија не е послушна, ѝ се заканува создавање коалиција со некоја друга. Тоа веќе не е така едноставно. Имено, со одлучно посредување на премиерот на една соседна држава – Еди Рама од Албанија – три од четирите партии на македонските Албанци кои влегоа во парламентот потпишаа пакт. Во него се сместени седум барања кои мораат да бидат исполнети за една албанска партија да влезе во владата во Скопје“, пишува ФАЦ.

„Барањата се Албанците веќе да не бидат привилегирано малцинство, туку по сите прашања – рамноправна етничка група, нешто како Турците во Кипар. Албанскиот јазик треба да стане втор официјален јазик, не само таму каде што Албанците се мнозинство, туку низ цела Македонија.
(…)Македонската химна и знаме исто така треба да се сменат за да бидат прифатливи и за албанската заедница. На крај, треба да се признае и ‘геноцид врз Албанците’ во периодот меѓу 1912 и 1956 година.

Делумно се работи за барања од голем калибар“, пишува ФАЦ.

„За наводни злосторства во првата Балканска војна од 1912 година, Албанците треба да преговараат со Белград, затоа што токму Србија го анектираше тој дел од Македонија од Османлиите. Независната држава Македонија се формираше речиси 80 години подоцна.
А македонското знаме, за кое многумина, а не само словенските Македонци, мислат дека е убаво или макар оригинално, не прикажува етнички, туку историски симбол, кој многу ги нервира Грците“.

Mazedonien Protest der albanischen Minderheit BESA (picture-alliance/dpa/G. Licovski)Барањата се Албанците повеќе да не бидат привилигирано малцинство, туку по сите прашања- рамноправна етничка група, пишува ФАЦ

Власт по секоја цена

„(…) Албанскиот премиер Рама избра најпофални зборови за барањата кои беа испреговарани со негова помош: ‘заедничката волја на албанските партии во Македонија е историски чекор’. Отсега, правата на Албанците нема да се менуваат за министерски функции, го коментираше Рама своето вмешување во внатрешната политика на соседната земја.

За Груевски, кој се потпира на претежно националистички поддржувачи, тоа е тешка стартна позиција.
(…) Но Груевски сака по секоја цена да остане на власт. Тој ќе мора да постигне согласност со најмалку една партија на Албанците за да ја оневозможи истрагата која, под притисок на ЕУ, се води против него и неговите соработници за корупција. Во спротивно, мандатот ќе отиде кај неговиот најголем непријател Заев кој и ги затркала истрагите за корупција и кој, како премиер, нема да се смири додека неговиот претходник не заврши зад решетки“.

„На Заев и на неговите социјалдемократи им успеа нешто неверојатно, нешто што дава тивка надеж за Македонија: во изборната кампања тој се трудеше да ги добие и гласовите на Албанците. Настапуваше во места со мнозинство Албанци, каде за македонските партии досега немаше ништо. Но изборните анализи покажуваат дека имаше успех.

(…) Сега Заев ја очекува шансата да го прогони Груевски еднаш и засекогаш. Дали Албанците ќе му помогнат во тоа?“, прашува ФАЦ на крајот на анализата. /DW

Слични содржини