Ферид Мухиќ за DW: Власта се сменува со конкретни дела!

од Vladimir Zorba

Некои се загрижиле да не сум се успал претходниве години, кога тие го кревале гласот против девијациите на власта. Ниту една власт не паѓа од кревање гласови, туку со конкретни дела, вели заDW, Ферид Мухиќ

16601727_303

Универзитетски професор, истакнат македонски филозоф, почесен професор на повеќе реномирани странски универзитети, публицист, прв претседател на бошњачката Академија на науки и уметности, теоретичар и писател со богат и наградуван книжевен опус…

Во независна Македонија не бил член на ниту една партија. Во еден период беше советник на поранешниот претседател на РМ, Бранко Црвенковски, и иницијатор на голем број дебати за важни општествени прашања насловени „Дијалози за Македонија“.
Најновата „референца“ пред името Ферид Мухиќ, која деновиве предизвика одредени реакции во јавноста гласи: граѓански кандидат на пратеничката листа на здружената опозиција предводена од СДСМ. Главната острица на тие критики беше дека во изминатиов период „никаде го немало“. Во разговор за Дојче веле, професорот Мухиќ одговара и на ваквите обвинувања.
ДВ: Г-дине Мухиќ, вие сте едно од големите изненадувања на кандидатската листа на здружената опозиција. Според партиски извори, вашето име највисоко котирало на анкетите меѓу припадниците на Бошњачката етничка заедница. Која препорака или легитимација ви причинува поголемо задоволство – етничката, интелектуалната или кога ниедна од нив не ја исклучува/одвојува другата?
– Вака поставено, прашањето е редукционистичко, бидејќи се однесува на колективни, а не на индивидуални атрибути. Етничката припадност не стои во никаква корелација со интелектуалецот како статус, така што едната со другата не можат ниту да се надополнуваат ниту да се исклучуваат/одвојуваат. Затоа, поканата на здружената опозиција предводена од СДСМ, да дадам свој придонес во решавањето на оваа криза од која страдаат сите граѓани на Република Македонија, ми причинува задоволство пред се, и над се, како на нејзин граѓанин.
ДВ: Дел од критиките упатени на ваша адреса, велат дека сте ги преспале претходниве години и дека ве немало во јавноста да го кренете гласот против девијациите на власта. Молчевте, или научните и културните кругови во кои се движите, работите и говорите, премалку ги фаќа радарот на дневната политика?
– Мило ми е што слушам дека некои толку се загрижиле да не сум се успал претходниве години, а уште повеќе тоа што сум им недостасувал кога тие го кревале гласот против девијациите на власта. Сепак, би требало да разберат дека ниту една власт не паѓа од кревање гласови. Власта се коригира, или се сменува со конкретни дела. Инаку, признавам – се што сум го работел досега, било и останало надвор од радарите на дневната политика.
ДВ: Поради вашиот став против абортусот, идеолошки ве сместуваат како поблизок до ставовите на десницата. Дали тоа прашање може да ви ја исцрта и дефинира севкупната „идеолошка“ рамка?
– Имам впечаток дека поборниците на абортусот веруваат оти сите нешта во државата и во светот ќе се средат кога и последниот противник на абортусот ќе се покае и ќе го смени своето мислење!? Толкаво фанатично секташтво, кое не дозволува право на приватно мислење – да не зборуваме за слободата тоа право јавно да се искористи и во јавно изговорен збор! – претставува најотворено загрозување на едно од темелните човекови права, поправо најтемелното право, со оглед на ставот на Аристотел дека човекот е суштество кое зборува! Скандалозно е дека ставот за едно такво прашање може воопшто да биде предмет на јавна прозивка! Не постои прашање кое може (мене или на кој било друг човек) да му ја исцрта/дефинира севкупната ‘идеолошка’ рамка. Освен за оние кои немаат никакви дилеми за тоа дека убивањето деца во одредени околности е чин со кој сите мораат јавно да се согласат.
ДВ: Во едно интервју велите дека и сите интелектуалци на светот да се соберат заедно, не може да направат ништо; дека синтагмата „граѓанско самоуправување“ предизвикува подбив секаде во светот; и дека поединецот одамна веќе е никој и ништо, а секој обид да се афирмира надвор од институциите, се третира или како скандал или како побуна. Денес кога сте дел од опозициската коалиција со граѓаните, како поединец, дали го чувствувате тој подбив од партиските групации кои не ја третираат индивидуата како фактор на промени?
– Надвор од институциите, поединецот не само што не може да се афирмира, туку – тој едноставно не постои! Секое современо општество е институција во која поединецот е набљудуван, проверуван, прислушуван, шпиониран, управуван, насочуван, мерен, пребројуван, оценуван, цензуриран, командуван, контролиран, протеруван, казнуван, затворан, притворан, од луѓе кои немаат ниту право, ниту компетенции, ниту морални доблести да го прават тоа. Сакате уште? Не се работи за ставот на партиските групации кон индивидуата, туку за фактот дека современиот свет во целина функционира врз основа на негација, а не на афирмација на поединецот. Зар не забележавте дека веќе одамна никој никаде не учествува, туку секој се радува или има чест што бил ‘дел од ова, или дел од она’ – бесполезно камче кое го оправдува своето постоење единствено кога ќе стане ‘дел од мозаикот’.
ДВ: Во една од вашите постари колумни пишувавте за погубноста на изреката „кој високо лета, ниско паѓа“, односно за опасноста од предуредувањето – „не летај, и особено не летај високо“. Велите, „тие што лазат, не можат да им бидат урнек на тие што имаат крилја“. Во изборната трка, за каков лет се подготвувате?
– Целта е јасна, судбоносна, заедничка за сите граѓани на Република Македонија: да заминат од власта оние кои ја злоупотребиле довербата на граѓаните! Кај нас ниту една партија се уште нема право да тврди дека ‘народот е со нас’! Најголемата поддршка не преминува 25 отсто од вкупниот број гласачи! Во многу држави владата паѓа кога процентот на нејзините подржувачи се спушта под 48 отсто. Сакате примери? Подобро да не наведувам оти долг ќе биде списокот. Според тоа, сите 25 отсто од било какви соображенија нека гласаат цврсто за ВМРО, остануваат 75 отсто гласови на оние кои објективно не биле за таа партија! Ете ја траекторијата на летот на кој треба да се одважат граѓаните, ете ја целта на оној кој знае дека понекогаш „Не мора да се живее, но да се лета – да!“/извор DW

Слични содржини