Фетаи: До крајот на неделава ќе објавиме за кои случаи ќе има обвиненија

од desk2

Специјалната обвинителката Фатиме Фетаи ја праша судијката Татјана Михајлова зошто поради жалбите за паричните казни против неа и нејзината шефица Катица Јанева, цел предмет е даден во Апелациониот суд Скопје, што беше причина пак да се одложи денешното рочиште за насилствата и шамарите во Центар. Не доби одговор од Михајлова, јави сдк.мк

Фетаи се посомнева дека се работи за намерно одолговлекување на судењето. Потврда за тоа е, како што рече, фактот што денеска, за разлика од претходното рочиште, беа дојдени сите обвинети. Судијката Михајлова рече дека предметот по жалба на СЈО за казните на Фетаи и на Јанева е во Скопска апелација.

Но, по проверката што ја направивме, во Врховниот суд ни потврдија дека предметот во моментов е во највисокот суд, поради нејаснотии околу тоа кој бил надлежен за жалбите, Кривичниот суд или Скопска апелација. Предметот бил примен на 14 јуни и од Врховниот суд велат дека брзо ќе постапата по него.

Со овие компликации кои Фетаи ги нарече одлично координирана игра, темата денеска не беа насилствата во Центар, туку паричните казни на СЈО.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи која денеска беше во Кривичниот суд кадешто го застапува обвинението за случајот „шамарите во Центар“ кусо истакна дека до крајот на неделава СЈО ќе објави за кои предмети ќе поднесат обвинение, објави 24 Вести.

Иако има уште два дена до крајниот рок од 18 месеци во кој според Законот, СЈО може да поднесува обвиненија, Фетаи не сакаше дополнително да коментира до каде се истрагите за веќе отворените случаи.

Слични содржини