1.
Американците и Европска унија рекоа дека за кредибилни извори се потребни реформи. Дури и Хан твитна дека реформите се поважни од датумот за избори. И другиот ден – одма реформи. Најважна реформа е аболиција за кривични дела поврзани со изборите.

goran

Како што поминува времето, сè повеќе ми станува јасно зошто претседателката на Уставниот суд Елена Гошева пред извесно време забрани новинарско снимање на седниците на судот. За да не ги слушаме како звучат кога не си веруваат ни самите на себеси во тоа што треба да го спроведат. И да не ги гледаме, за да не им го следиме говорот на телото, за да не им биде непријатно. Па, тоа се сепак судии. Башка – уставни судии. Ако ништо друго, имаат минимум интелигенција штом успеале да завршат некакво школо.

Значи, имаме адвокат – приправник на кого му текнало да поднесе иницијатива до Уставен суд за да се овозможи претседателот да помилува и за кривични дела поврзани со изборни измами и насилства. Адвокатот дели канцеларија со друг адвокат, кој е бранител на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, кои Специјалниот обвинител ги осомничи баш за дела поврзани со изборни измами. И сѐ тоа е случајно.

Нормален човек би прашал: Па добро, имаат ли усул? Основно домашно воспитување не би ти дозволило, ако веќе си го направил тоа, барем да не се појавуваш на телевизија. Ќе најдеме адвокат, уставните судии се наши, Ѓоле ќе потпише… Гласачите на Груевски, или, како што тој се фали, неговиот народ што ќе дојде по своето, веруваат ли во таа приказна? Или се импресионирани од тоа што му текнало на Миле?

Тие не нè прават глупави.  Тие само продолжуваат да се однесуваат како улични силеџии на кои никој ништо не им може. И не се кријат. Реформи според извештајот на Прибе.

Е па, ај сега да кршиме гласачки кутии. Ни се може. Оти сме од „нашите“. За да продолжат нашите пари да одат во Белизе.

2.
Во нормална држава претседателот има право да помилува осуденици. Тоа право му е дадено со Уставот. И во нормална држава претседателот може да помилува било кого. Ама не може да помилува за било какво дело. Па дури и да нема никакви законски ограничувања, оти Уставот е посилен од закон, на ниеден нормален претседател не би му текнало да помилува за дела за кои едноставно нема милост.

Арно ама, ако веќе беше направен преседанот кога Борис Трајковски ја аболираше Доста Димовска за аферата за прислушувањето во 2001, а Бранко Црвенковски го аболираше Заев за „Глобал“ во 2008, зошто тогаш и на Ѓорге Иванов да не му се најде работа. Башка што, евентуалната одлука на Уставниот суд да му ги укине ограничувањата на претседателот за помилувања, за Ѓоле ќе дојде и како еден вид унапредување. Оти до сега го третираа како фикус. А сега ќе му дадат и активна улога. Како печат. Штембил за заверка. Го вадиш од фиока кога ти треба, го употребуваш и пак го враќаш во фиока.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Слични содржини