Finance Think: Граѓаните мора да знаат за што ќе се користат пола милијарда евра од еврообврзницата

од desk4

Потегот за издавање еврообврзница е очекуван потег од страна на Владата, имајќи ја предвид проектираната потреба за финансирање на буџетот во износ од околу 600 милиони евра, велат од Институтот за економски истражувања „Finance think“, откако Министерството за финансии соопшти дека вчера е издадена шестата еврообврзница.

Според економистите од „Finance think“ oваа потреба е генерирана од проектираниот буџетски дефицит и од износите кои достасуваат за враќање по однос на стари долгови.

„Во таа смисла, Finance Think смета дека износот на задолжувањето е во рамки на годинешните буџетски потреби, но заедно со депозитите на Владата во НБРМ во износ од 360 милиони евра (крај на декември 2017), обезбедува вкупна буџетска ликвидност од задолжувања во износ од 860 милиони евра, што треба да овозможи финансирање и по 2018, под претпоставка дека проектираниот буџетски дефицит нема да се пробие“, велат од таму.

Според „Finance think“ постигнатата каматна стапка 2.75% (стапка на принос 3%) е поволна, и споредлива со каматната стапка која би се постигнала на домашниот пазар за слична рочност. Оттука, велат експертите од Институтот, потегот дел од новиот долг да се искористи за рефинансирање на стар долг со повисока каматна стапка е коректен.

„Сепак, остануваат отворени две главни прашања во однос на надворешното задолжување. Прво, Владата не отвори јавна дебата пред финализирање на издавањето на еврообврзницата. Ваквата дебата, колку и да не влијае врз конечната одлука, е корисна како за информирање на општата јавност, така и за градење кредибилитет кај Министерството за финансии во контекст на почитување на намерата за целосна транспарентност, отчетност и вклучување на засегнатите страни во процесите на управување со јавните финансии.

Второ, Finance Think остро се спротивставува на понатамошното користење на флоскулата „средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби“. Разбирливо е дека во техничка смисла, овие средства ќе се слеат во буџетот и ќе се користат за намирување на обврските како што тие доаѓаат. Но, во концептуална смисла, граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари, и особено парите од високи задолжувања како ова“, посочуваат од таму.

По одбивањето на износот што ќе се искористи за враќање стар долг, велат од Институтот, Владата мора јасно да комуницира со јавноста за што ќе се потрошат преостанатите пари. Тоа, додаваат, е поврзано со итната потреба да се отвори широка општествена дебата за капиталните инвестиции, нивната приоритизација и пресметка на корисноста за економијата.

Слични содржини