Финска им одава почит на жртвите од нападот во градот Турку

од Vladimir Zorba

Со минута молчење денеска низ цела Финска им се одаде почит на жртвите од нападот, што во петокот вечерта еден марокански мигрант го изврши врз минувачи во градот Турку.

Центарната церемонија се оддржа на трговскиот плоштад во Турку,- едно од местата, каде во петокот вечерта дојде до трагедијата, пренесе ТАСС.

Градоначалникот на Турку, Алекси Рандел, претставници на полицијата и религиозни лица положија цвеќе и запалија свеќи на местото на нападот на плоштадот. Таму се собраа неколку стотици лица, а многу луѓе не успеаја да се воздржат од покажување на емоции.

Во 10 часот по локално време плоштадот за миг замре од џагор, а се слушаше само камбаната на градската црква.

-Се собравме денеска за да им одадеме почит на жртвите и заедно да се помолиме. Ви благодарам што дојдовте, им се обрати на насобраните градоначалникот Рандал.

Со минута молчење почнаа и службите во црквите низ цела Финска.

Во петокот вечерта, во центарот на Турку, 18-годишен мигрант од Мароко, кој минатата година пристигнал во Финска и поднел барање за азил, со нож нападна случајни минувачи, што за епилог имаше двајца починати и осум ранети лица, со различен степен на повреди.

Финскиот весник „Турун саномат“ осомничениот го идентификува како Абдул Рахман. Тој живеел во центарот за бегалци во Пансио, во приградските делови на Турку. Локални жители го опишуваат како осамена и депресивна личност.

Финските власти засега официјално не го кажуваат името на извршителот на нападот. Тие досега само кажаа дека е на возраст од 18 години и дека е мигрант од Мароко, кој побарал азил во Финска.

Според финските медиуми азилот му бил одбиен.

Слични содржини