Фирмата на Mукоски добила тендери вредни 4,3 милиони евра за неколку години

од Vladimir Zorba

Ќе се заврши ли навреме работата на градскиот стадион. Одржувањето на суперкупот се заплетка во меѓусебни обвинувања за опструкции и фаворизирање на фирми блиски до поранешната власт, информира ТВ24.

Генералниот секретар на владата Драги Рашкоски, прстот повторно го впери кон друштвото за стопанисување со станбен и деловен простор за кои вели дека правеле сопки и вршеле опструкции на работата. Рашкоски вели дека се пумпале цените, а како пример посочи на фирмата „Атриум“ во сопственост на Бобан Мукоски, брат на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски.

„Иако фирмата Атриум реагира, Мукоски нема да може да го скрие Договорот за ангажирање за варосување на ѕидовите на Стадионот кој ги содржи сите детали за кои информиравме на денешната прес конференција. Со реакцијата на Мукоски само се потврдува нивната вклученост, но и одговорноста која надлежните ја имале за преземените обврски наспроти исплатената цена“, вели Генералниот  секретар на владата – Драги Рашкоски.

Сопственикот на фирмата „Атриум“ од Вевчани, Бобан Мукоски и денеска ги демантираше тврдењата на Рашкоски. Од Атриум до јавноста го доставија и договорот склучен со друштвото за стопанисување со станбен и деловен простор, на кое се гледа дека наместо за 10 евра од метар кадратен, договорот бил склучен за 180 денари за чистење, бојадисување и крпење на одредени оштетувања на арената Филип Втори. Мукоски најави и тужба за Рашкоски бидејќи како што вели, со неговите тврдења му бил нарушен угледот.

„Уште еднаш сакам да го демантирам господинот Рашкоски дека цената не е 10 евра, туку е три и пол пати помала. Јасно ќе видите на самата нарачка. Уште еднаш барам од господинот да ми се извини. За ова што сум наклеветен сигурно ќе поднесам тужба до надлежните органи“, вели Мукоски.

Од информациите кои се достапни за јавноста, според објавените договори, во изминативе неколку години фирмата „Атриум“ ДОО во сопственост на Бобан Мукоски заработиле големи суми на пари.

Само со АД за стопанисување со станбен и деловен простор склучила договори во износ од 3.8 милиони евра. Атриум ДОО градела и основни и средни училишта за што договор склучиле и со министерството за образование, но соработка имале и со општините.

Директорот на фирмата „Атриум“ Бобан Мукоски вели дека не гледа ништо спорно во тоа, а обвинувањата дека со помош на неговиот брат, пратеникот Крсто Мукоски, неговата фирма била фаворизирана, ги отфрла, вели се бориме како и сите фирми во Македонија.

„Тој си е пратеник во Собранието на Република Македонија, фирмата „Атриум“ сама се бори и сами опстојуваме. За жал, многу ми е криво што го поврзуваат мојот брат со фирмата „Атриум“, додава Мукоски.

Одржувањето на Суперкупот во Скопје сега ќе зависи од тоа дали Владата ќе успее да ги отстрани забелешките за стадниот што ги имаат од УЕФА. Бараните реконструкции на Арената би требало да бидат завршени до 21 јули, бидејќи два дена подоцона, на 23 јули ќе има финална контрола од УЕФА која треба одлучи дали Супер Купот ќе се одржи во Скопје.

Слични содржини