Флексибилни регулативи за зачувување на малите, традиционални производства

од desk4

   Како земјите од Западен Балкан да ги зачуваат своите традиционални производи, дали постои реална закана од нивно исчезнување и губење на гастрономскиот идентитет? Колку регулативата во овој сегмент е флексибилна и прилагодена на националнон ниво? Ќе опстанат ли малите фармери, биодиверзитетот и спецификите на Регионот во лавиринтот на законите, пазарот и немилосрдната конкуренција?

Ова се само некои од прашањата што ги отвори 5. „Тера Мадре Балкан“ директно во Брисел. На конференции во Европскиот Парламент заедно седнаа европратеници, претставници на Слоу фуд, универзитетски професори, производители,… На иста маса ги ставија актуелните политики, состојби и проблеми.

Различноста е богатство кое мора да се зачува, беше клучната порака.  ЕУ поддржува традиционално производство, ја сака диверзификацијата, а руралниот равој и е меѓу приоритетите.

Неопходно е институциите да помагаат, наместо да казнуваат, малите поизводители да се информираат, да учат и да се здружуваат. Двете страни да се поврзат, повеќе да комуницираат, да соработуваат. Во целиот процес да се вклучи и науката, да застане зад традиционалните производи за да се елеминираат сите дилеми и сомнежи околу нивната безбедност.

Легислатива базирана на европската, но прилагодена на локалните специфики и услови

Во обидите да се подготви модерен законски концепт за безбедна храна, треба да се почитуваат вековните навики. ЕУ носи закони, но тие се само рамка. Оваа рамка, како што рекоа европратениците, дозволува отстапки. На секоја земја одделно е да одлучи како ќе го менаџира тој дозволен дијапазон на флексибилност, од каде до каде ќе „мрда“ зависно од нејзините потреби и карактеристики, од способноста и подготвеноста на администрацијата, но и на производителите.

– Независно кога ќе почнете со пролагодување на регулативите, имајте на ум дека традиционалните производи се создавале, селектирале и чувале со векови, поради што е неопходен посебен пристап, посочија европратениците.

Ситуацијата е различна во секоја од земјите на Западен Балкан. Кај некои флексибилноста е добро применета и правилата за хигиена се почитуваат, иституциите соработуваат многу со производителите и им помагаат да пласираат безбедна храна на пазарот согласно европските правила. Но, кај други не е така.

– Европската комисија (ЕК) организира обуки за институциите за флексибилност на регулативата за безбедна храна, им покажува како таа треба да се имплементира. Се обиде да стори се што е можно, да објасни и да ги притисне земјите-членки максимално да им помогнат на малите производители. Мислам дека не можеме да сториме повеќе. Едни земји-членки ги применуваат флексибилностите, други не, едноставно не сакаат, не се подготвени. За жал, и за во ЕУ не можам да кажам дека се секаде подеднакво применети правилата за флексибилност за хигиена, истакна Паоло Карикато од Генералниот директорат на ЕК за здравје и безбедност на храна.

Политиката на европските институции е високо, горе, прво да ги завршиме работите долу, кај нас

И претседателката на Слоу фуд Балкан, Десислава Димитрова, смета дека ЕУ направи доволно. На потег се, рече, нашите институции.

– Во нашите земји, од Западен Балкан, проблем се институцииите кои се уште имаат менталитет на казнување, а треба да им помагаат на малите производители, да им објаснуваат. Производителите се луѓе кои прават храна и во никој случај не сакаат да ги навредат потрошувачите, но од незнаење, посебно на некои подробности, можно е тоа да го сторат. Улогата на инсититуциите е да им објасни како таа храна да биде безбедна. Инспекторите обично доаѓаат и велат: „тоа немаш, тоа немаш, тоа немаш“,… Тоа не е правилниот пристап зашто ги демотивира производителите и тие ги доживуваат општите правила и стандарди на ЕУ како нешто многу страшно. А, всушност не е така зашто правилата, да, се дефинирани, но, може да се прилагодуваат во другите држави, рече Димитрова.

И производителите, дополни, имаат „домашна задача“.

– Не се само институциите одговорни. И малите производители треба да разберат дека нештата се случуваат и се движат со знаење. Ако имаш фарма со 50-на овци и сакаш да правиш сирење, реално, основната одговорност е твоја. Треба да се запознаеш со производниот процес, со условите кои мора да ги исполнуваш. Но, тука, во процесот на учење, е добро да имаш некој што ќе ти помага, компетентен орган, експерт за безбедност на храна на кој ќе му кажеш што не ти е јасно, каков проблем имаш. Ако тој не знае, веднаш да се заинтересира и заедно да барате решение. Кога тоа би се случувало и така би функционирало, каква ќе биде политиката на државата или на ЕУ за малите производители не е толку важна, подвлече Десислава.

На фармерите им требаат едноставни насоки и упатства 

Осврнувајќи се на ситуацијата во Македонија, професорката Соња Србиновска од Факултетот за земјоделски науки и храна рече дека имплементацијата на законските олеснувања кај нас е се уште на почеток.

Фармерите се жалат дека законските барања и постапки се прекомплицирани.

– Ако ги прашате малите фармери кај нас, во Македонија, ќе ви кажат, односно ќе се пожалат дека барањата за хигиена се престроги и не можат да ги исполнат. Процедурата за регистрација им е прекомплицирана. Не се подготвени, ниту знаат за регулативата која е објавена. Не слушнале за олеснувањата, не знаат да ги подготват документите. Немаат доволно знаење, не се добро организирани, ниту информирани. Немаат финансиска помош и не можат да ја користат, вклучувајќи го и ИПАРД, зашто не се регистрирани. Пркатично, никој не ги знае. Постојат, но легално не постојат. Поради тоа имаат проблем и со националната поддршка, рече Србиновска.

Професорката предупреди дека при креирањето и имплементирањето на законските олеснувања треба многу да се внимава, особено кога станува збор за традиционалните производи зашто опсегот е голем. Можни се отстапки во однос на објектот, опремата, просториите, ѕидовите, подовите, материјалите, пакувањата,… Како пример во овој јконтекст го посочи галичкиот кашкавал. Поради „новите правила“, рече, тој полека ја губи својата карактеристична текстура и арома. – Галичкиот кашкавал се произведува повеќе од сто години. Но, денес, традиционалната мандра е заменета со нов објект, по „новите стандарди“. Коморите во кои зрее кашкавалот порано беа од дрва и камен, а сега се пластични, поради што текстурата и аромата на кашкавалот веќе не се исти, напомена Србиновска.

Членството во ЕУ не значи загуба на нашата традиција и култура, на вкусот на нашите производи

За европратеникот Андреј Ковачев не е точна тезата дека да се биде дел од европското семејство значи претопување на нечија традиција и култура.

Тоа го тврди и постојниот претставник на Бугарија во ЕУ Марина Бракалова.

– Не се согласувам со некои популисти кои велат дека членството во ЕУ значи загуба на нашите традиции и култури. Напротив, вистината е дека во заедничкото европско семејство ќе можеме да ги делиме, но и да ги заштитиме нашите традиции, култури, храната, производните практики и рурални подрачја. Тоа зависи само од нас, од тоа колку сме иновативни, активни и колку ја искористуваме можноста што ја дава ЕУ, најпрво на земјите-членки, а потоа и на земјите кои сакаат да и се придружат, потенцира Ковачев.

Според Бракалова, некои од граѓаните во нејзината земја се плашеле дека по влезот во Европската унија бугарските домати веќе нема да го имаат истиот вкус зашто се бараат „заеднички правила“.

– Тоа не е точно зашто зависи пред се од земјоделците, од тоа како тие произведуваат, дали  и колку го чуваат нашиот традиционален добар вкус. Европа ја гледаме како „земја“ на биодиверзитет на храна, а потенцијалот на Балканот да произведе и понуди многу и здрава, квалитетна храна, е очекување на сите потрошувачи во и надвор од ЕУ, подвлече Бракалова.

На „Тера Мадре Балкан“ беа предочени и проблемите со иселувањето посебно на младите, што е тенденција, беше речено, секаде во ЕУ. Депопулацијата од руралните подрачја се одразува врз традицијата, расите и видовите. Тие се напуштаат, полека се забораваат, а тоа може да резултира со губење на гастрономскиот идентитет.

Мирјана Чакарова

Слични содржини