Флеш бизнис – свет

од Vladimir Zorba

 

pariБерлин – Германија од Европската комисија доби дозвола за воведување на патарина. Тоа значи укинување на бесплатното користење на над 12.000 километри германски автопатишта. Но, со воведувањето на таа мерка ќе се појават многу проблеми. Европската комисија по долго премислување даде „зелено светло” за воведување на патарина во Германија. Годишната вињета за возачите на моторни возила треба да чини 130 евра. Тој трошок на возачите ќе им биде надоместен преку данокот на моторни возила. Сопствениците на автомобилите кои посебно малку ја загадуваат животната средина (класа „еуро 6”) ќе бидат дури и наградени околу таа ставка.

Бања Лука – Истражувањето за висината на платите на мажите и жените во Европа покажа дека жените во БиХ веќе од 15 јули почнуваат да „работат бесплатно”. Резултатите од истражувањето на агенцијата „Експерт маркет” покажа дека во БиХ платите на мажите се поголеми за 46 отсто од платите на жените, со што БиХ директно се вбројува на последното, 40 место, во ова истражување.

Сиднеј – Цените на станбените недвижнини во главните центри во Австралија пораснаа во ноември во просек за 0,2 отсто. Според најновите податоци на владината агенција CoreLogic, цените пораснаа во сите центри, со исклучок на Мелбурн, кој во минатиот месец забележа пад на цените од 1,5 отсто. Просечната цена на станбена недвижнина во Мелбурн изнесувала 623.500 долари (околу 431.000 евра), но на годишно ниво цените се поголеми за 11,3 отсто.

Загреб – Новите реформи во Хрватска од Нова година, како што стојат работите, на средната класа повеќе ќе им земе отколку да им даде. Тие со најниски плати нема да почувствуваат промена. Просечната плата од 5.600 куни (околу 740 евра) за самец ќе порасне од 40 до 100 куни (до 13 евра). Луѓето во Загреб кои имаат две деца ќе почувствуваат зголемување на платите за околу 200 куни. Тие со плати над 15.000 куни (речиси 2.000 евра) ќе имаат зголемување од 1.000 (130 евра) и повеќе куни, пишува 24сата. Очигледно дека ќе поскапе секое возење на автопатиштата, а поради растот на ДДВ за угостителите се очекува поскапување на кафето во кафулињата од куна до две, сокот и пивото за 2 до 3 куни, а на пример обична пица од 5 до 10 куни.

Рим – Најголемата италијанска банка според обемот на активите Уникредит влезе во екслузивни преговори со француската Амунди за продажба на секторот за управување со имот Пионир. Тоа е активност во рамки на обидите да ја зајакне капиталната основа.

Париз – Италија има солидни политички институции и силна економија која ќе ја надмине оставката на Матео Ренци, по тешкиот пораз на референдумот за уставните реформи. „Тоа е цврста држава со солидна власт и целосно сум убеден дека Италија може да се справи со оваа состојба” – рече европскиот комесар за економија Пјер Московиси за телевизијата Франс 2, пред состанокот на министрите за финансии во Брисел.

Анкара – Турција презема чекори за да овозможи трговијата со Кина, Русија и Иран да се одвива во локални валути, објави претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган. Тоа е најнова мерка на владата со која се обидува да го спречи падот на турската лира.

Брисел – Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека Италија треба да ги продолжи економските реформи кои ги покрена премиерот Матео Ренци. Шојбле, по доаѓањето на состанокот на министрите за финансии во еврозоната во Брисел, рече дека разговарал со италијанскиот колега Пјер Карл Падоано, како и дека верува дека за Италија сега е многу важно да има функционална влада.

Слични содржини