Актуелно
Почетна / Актуелно / Фокус пишува: Иванов подготвува “пуч” против опозицијата

Фокус пишува: Иванов подготвува “пуч” против опозицијата

Претседателот Ѓорге Иванов подготвува терен за прогласување на воена состојба и апсење на „пучистите“ на чело со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пишува денеска неделникот „Фокус“ во специјална сторија со наслов Иванов од Јасен ќе го командира апсењето на пучистите. Станува збор за резерватот „Јасен“ кој се наоѓа на 20 километри од Скопје во кој се наоѓаат бункери од времето на југословенската армија. Извор од АРМ потврдил дека пред Велигден, во овој регион престојувала воена делегација избрана од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со мисија за подготвување на објектот за засолнување на највисоките државни и партиски лидери пред сè Иванов, Груевски и нивните семејства, во случај на воена состојба. Високи офицери посочуваат дека во бункерите кои се отпорни и на хемиски отрови, можат да се сместат околу 100 лица.

„Сценариото за кое сведочат и воено-полициски кругови, но и од контраразузнавањето, би се реализирало ако СДСМ и албанските партии кои имаат мнозинство од 69 пратеници одлучат да го прекинат блокирањето на Собранието и на една алтернативна седница без ВМРО-ДПМНЕ изберат претседател на Собранието и формираат Влада. Ова од претседателот Иванов би се земало како претекст за прогласување на воена состојба.“

Според членот 124, точка 1 од Уставот, воена состојба може да се прогласи кога Републиката е под закана, ако биде нападната или ако ù биде прогласена војна. Точката 2 од овој член вели дека воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство, но поради тоа што тоа ќе биде невозможно, тогаш ќе се премине во точката 3, која предвидува воена состојба да прогласи претседателот на државата.

Оваа дефиниција, како што пишува Фокус, може да биде злоупотребена од Иванов и Груевски и под плаштот на „Тиранската платформа“, која би се интерпретирала како агресија од Албанија за федерализација, кантонизација или уривање на унитарноста на Македонија. А, ако сето тоа би било недоволно, не се исклучува можноста за инсценирање на вооружен напад врз претседателската резиденција или објектот на Владата. Не се исклучува дури ниту можноста на наводен пуч врз претседателството кој би се искористил како повод за воена состојба.

Оваа идеја, според неделникот Фокус, била преземена по пучот која наводно си го организирал самиот Ердоган. Но, во случајов, Иванов и Груевски би биле внимателни да не апсат Албанци, барем не високи партиски личности, особено од ДУИ, со цел да се избегне меѓуетнички конфликт и за да се остави простор за евентуална соработка во иднина со албанските партии.

Планот на фамилијата на Груевски, тврди Фокус е во првиот бран да се уапсат 30-40 пучисти, меѓу кои и највисоки претставници на опозицијата, а потоа уште 300-400 други лица соработници на опозицијата од цивилниот и бизнис-секторот и други јавни личности. Исто така се предвидува целосна контрола на медиумите, како и затворање на социјалните мрежи. За спроведување на планот, како што наведувата од неделникот, се испланирани и други постапки кои би поминале во Владата. Според „Фокус“ сценариото го зголемил интересот на меѓународната заедница која изразила загриженост во врска со понатамошните настани во Македонија.