Француските социјалисти присилени да го продадат седиштето по изборниот дебакл

од desk2

Некогаш симбол на моќта на француските социјалисти, раскошното седиште на партијата во центарот на Париз е ставено на продажба по изборниот дебакл на левичарите оваа година.


Седиштето на партијата е во 17 арондисман на Париз од 1981 година кога поранешниот лидер Франсоа Митеран беше избран за прв социјалистички претседател според актиелниот устав.

Триесет и шест години подоцна, партијата се бори за опстанок по дебаклот на претседателските избори во мај и понижувачкиот резултат на парламентарните избори во јуни, кога претседателот Емануел Макрон ја „збриша партијата од таблата“.

Одлуката да се продаде зградата донесена е во вторник вечер од партиските лидери, а во соопштението се наведува дека зградата која се протега на 3.000 метри квадратни може да им донесе 40 до 70 милиони евра.

„Одлуката беше тешка затоа што зградата е симбол“, вели партискиот благајник Жан-Франсоа Деб. „Но, се темели на два заклучока. Прво, очигледно е дека партијата е во финансиска криза, а второ, се подготвуваме за иднината“.

На претседателските избори во мај социјалистичкиот кандидат Бено Амон заврши петти со резултат од само 6,36 отсто поддршка.

На парламентарните избори еден месец подоцна, бројот на социјалистички пратеници падна од 250 на само 30, оставајќи ја партијата во финансиски проблеми по пет години власт на поранешниот претседател Франсоа Оланд.

Француските партии се потпираат на приватни донации и на јавни пари кои ги добиваат од успехот на избори.
По парламентарните избори, лидерот Јан-Кристоф Камбаде си даде оставка.

Слични содржини