Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска дебатираа за процесот на прочистување на Избирачкиот список, што е еден од условите за одржување на предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Членовите предложени од владејачките партии со став дека до 20 мај, кога би требало да биде заклучен Избирачкиот список пред изборите, ќе биде реален, додека за членовите од СДСМ прочистувањето е на почеток.

DIK

Бедредин Ибраими, предложен од ДПА во Комисијата, тврди дека според сите пресметки 3.894 лица се спорни врз основа на административните проверки, додека од теренските бројката ќе се знае деновиве. Според него, со овие проверки се покажало дека Избирачкиот список е точен, односно дека се потврдил Избирачкиот список од 2013 година кој бил усогласен со Изборниот законик. – Имаме конкретен резултат без разлика кој како сака да го свати, рече Ибраими.

На исто мислење е и Субхи Јакупи, член на ДИК на предлог на ДУИ. -Излегува дека бројките се толку, рече тој. Објасни дека до заклучувањето на Избирачкиот список, што би се случило околу 20 мај, има уште време за да се завршат проверките на податоците за Избирачкиот список. – Има десет дена до 17-18 мај додека да го дадеме ИС на јавен увид на граѓаните. Тој ќе биде 15 дена на увид и тие ќе можат да се проверат. Тоа би завршило на 2-3 мај. Потоа следува пет дена за забелешки за ИС од политичките партии, а ДИК треба ним да им одговори во рок од три дена. Ќе дојдеме до реален Избирачки список околу 20 мај, рече Јакупи. Изрази задоволство од тоа што е досега направено и што е направено вакво „снимање“.

Имајќи ги предвид жестоките дебати меѓу членови на ДИК од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, предложи да се направи нов деловник за работа на Комисијата.

Според Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, Избирачкиот список би можел да биде чист за неколку дена и оти е направена историска и сеопфатна проверка на Избирачкиот список за да се расчисти фамата околу овој документ. Предложи да му се даде рок од три дена на МВР да заврши проверки на 107.453 лица за кои постои сомнеж дека се иселени. Со тоа, според неа, ќе биде завршена проверката на 328.452 записи по сите основи. Исто така смета дека треба да се објават имињата, без адреси на лицата кои не се пронајдени дома при теренската проверка.

Членовите на ДИК од опозицијата со спротивни тези од нивните колеги. Сметаат дека прочистувањето на Избирачкиот список е на почетокот. Тврдат дека 73, 2 отсто од лицата што се вклучени во теренската проверка не се најдени дома, и дека доколку се покаже дека основот за стекнување на живеалиште кај одредени лица е спорен, постапката за нив би можела да трае два до три месеци.

Виолета Дума од СДСМ рече дека задачата на ДИК не е завршена во целост и тоа на денот на распуштање на Парламентот. Праша дали нема да може да се инкорпорира ништо друго од проверките за Избирачкиот список освен бројката за починати лица.

Нејзиниот колега Игор Милев рече дека, според него, во овој момент ДИК е на почетокот на прочистување на Избирачкиот список. – Сега Избирачкиот список е похаотичен од 2014 година, рече Милев.

На седницата беше усвоен Извештај за прогресот од вкрстените, теренските и административните проверки. Според овој Извештај, ќе се бришат од Избирачкиот список 1.129 починати лица.

Теренската проверка за 87.352 е завршена. Заклучно со изутрината во системот се венесени податоци за обработка за 77.128 лица. Се очекува влез и обработка на податоци уште за 10.220 лица.

Слични содржини