„Форумот на слободоумни патриоти е згрозен од постапката на Претседателот Ѓорѓе Иванов со која денес прогласи аболиција на сите обвинети и осомничени во постапките кои што се водат во случаите Пуч и Поткуп, како и во сите други случаи покренати од страна на Специјалното јавно обвинителство, а се поврзани со прислушуваните разговори објавувани во јавноста.

forum-slobodnoumniPatrioti

Со овој чин директно се покажа дека државата ја водат личности со сомнително минато. За секој разумен и слободоумен Македонец и патриот ова невидено велепредавство треба да биде најсериозна и последна опомена за тоа дека најголемата завера за уривање на Македонската држава не лежи во меѓународната заедница како што некој сака да прикаже, туку во институциите на државата, Претседател, Премиер, Собрание, Уставен суд и останатите институции кои се под директна контрола и влијание  на  некои  од  осомничените  личности,  кои  што  Претседателот  со  својата срамна постапка еднострано ги аболицира и помилува. Неговата постапка е уште посрамна и поскандалозна бидејќи токму Ѓорѓе Иванов е носител на научна титула Доктор на политички науки. Сакаме да му укажеме на Иванов дека ваквата негова одлука е спротивна на научната мисла и етичките норми, кои тој како Универзитетски професор е должен да ги почитува.

Форумот на слободоумни патриоти го повикува Македонскиот народ на организиран отпор против очигледното уривање на последните остатоци на Уставната демократија во Македонија, да се ставиме во одбрана на демократијата во Македонија, која што очигледно е суспендирана од страна на личности кои ги злоупотребуваат институциите кои треба да го штитат Уставот и позитивните законски прописи.

Сметаме дека она што мора да следи како конечна разврска на општествената, политичката, моралната и економската криза во Македонија се неотповикливи оставни на Претседателот Иванов, судиите во Уставниот суд кои што гласаа за оваа срамна аболиција, Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Груевски, Претседателот на СДСМ Заев, како и Претседателите на ДУИ и ДПА бидејќи тие се директни предизвикувачи на кризата и суспеднирањето на демократијата во Македонија и не може да се очекува од истите да ја разрешат кризата“, соопштуваат од Форумот на слободоумни патриоти.

Слични содржини