Влијателниот германски весник „Шпигел“ тврди дека голем број од членовите на лидерите на сестринските партии ЦДУ и ЦСУ кои што заедно со Социјалдемократите (СПД) ја сочинуваат германската влада сметаат дека безвизен режим за Турција е изводлива идеја.

14313

„Шпигел“ во својата анализа за проблемите со кои се соочува Германија при приемот на бегалците вели дека канцеларот Ангела Меркел верува дека единствен начин да се намали нивниот број е заеднички напор на меѓународната заедница, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Весникот тврди дека во рамките на овој пристап канцеларката веќе разговара со Турција која што треба да за затвори својата граница кон Европа (Грција и Бугарија) за бегалците. Според „Шпигел“ јасно е што за возврат би барала Анкара.

Извори во ЦДУ (Христијанските демократи на Меркел) за весникот тврдат дека Турција како противуслуга бара воведување на безвизен режим за своите граѓани, барање кое што до неодамна беше отфрлано без дебата. Со оглед на сегашната ситуација, според весникот, голем број од политичарите во владеачките партии сметаат дека безвизен режим за Турција е добар чекор ако со тоа Германија се спаси од напливот на бегалци.

Претходно лидерите на ЕУ го повикаа турскиот претседател Ердоган да прифати да ги врати сите бегалци кои што ќе бидат одбиени на европските граници во замена за олеснувае на патувањата на Турците во ЕУ, а Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) објави анализа наречена „Планот на Меркел“ според кој Турција би добила визна либерализација за своите граѓани доколку соработува со Германија на спречување на неконтролираниот наплив на бегалци во ЕУ. Според планот на ЕСИ Германија би се обврзала да прими 500 илјади Сиријци кои што сега се сместени во Турција а ЕУ би дала финансиска помош на Турција за справување со бегалската криза. Една од варијантите предвидени со планот е барањата за азил за Германија или други членки на ЕУ да се поднесуваат во бегалските кампови во Турција каде во моментов се сместени околу 1,9 милиони бегалци од Сирија./MIA

Слични содржини