Германски медиуми: Лондон нема докази дека Москва е виновна! Аферата Скрипал е еден многу лош шпионски филм!

од desk2

Велика Британија работи со индиции, силни индиции – но не и со клучни докази дека зад обидот за убиство на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Англија стои Москва, пишуваат германските медиуми, пренесува “Deutsche Welle”.

Борбен тон, закани, ултиматум, протерување на дипломати: размената на удари меѓу Москва и Лондон потсетува на лошите шпионски филмови од времето на Студената војна, пишува “Neue osnabrücker zeitung” и констатира дека британската премиерка Тереза Меј избрзала со обвинувањето на Кремљ.

“Но дали премиерката има докази кои би биле валидни пред суд? Тешко. Дали зад сето ова се кријат мафијаши, поранешни агенти, или станува збор за напад по државен налог? САД, ЕУ и НАТО не смеат да се вовлекуваат во конфликт додека постојат само сомненија”, се додава во текстот.

Пресуда без докази не смее да има во правните држави, пишува угледниот “Sueddeutsche zeitung”.

“Тоа важи и за државата како надворешнополитички актер: кој казнува и им се заканува на други држави, за тоа мора да има силни причини. Моментално голем број на држави во светот не се држат до ова правило. Велика Британија работи со индиции, силни индиции – но не и клучни докази. Затоа реакцијата е релативно воздржана. Ако е работата докажана, тогаш Светското првенство мора да се одржи без Британците и нивните сојузници”, наведува весникот.


Бонскиот “General anzeiger” не гледа логика во обвинувањето на Москва.

“Зошто Кремљ би користел брутален напад на одамна неактивен непријателски шпион и тоа само неколку дена пред претседателските избори во Русија? Што, од друга страна, би имале Британците од новите влошувањето на и онака веќе затегнатите односи со Москва? Ништо. Новата одвратна студена ирационалност повторно ги обзема Истокот и Западот”, пишува овој весник.

“Дури ни логичните објаснувања не се замена за докази”, пишува “Stuttgarter nachrichten”. Весникот наведува дека во таа ситуација премиерката реагирала “примерно” и дека санкциите против Русија се засега млаки.

“Сојузниците на Велика Британија треба да се водат по состојбата на работите, а не според атмосферата која се создава. Тоа за Германците и другите Европејци од НАТО значи: Сега се потребни јасни сигнали дека се приврзани за Британија, без разлика на Брегзит”, пишува весникот.

Поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија биле пронајдени без свест на 4. март во Солисбери на југот на Англија. Во тешка состојба биле префрлени в болница. Лондон тврди дека биле отруени со нервен гас од типот “Новичок”, кој бил произведен во советскиот сојуз, но одбива да и прати на Москва примероци пронајдени во ресторанот кој Скрипал го посетил.

Тереза Меј во средата одлучила да протера 23 руски дипломати и да ја повлече поканата за рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, а најавила дека ниту министри ниту припадници на кралското семејство нема да патуваат на Светското првенство во Фудбал.

“Хистерична атмосфера”, одговорил на тоа рускиот амбасадор при ОН, Василиј Небензја, повторувајќи дека докази дека Москва стои зад нападот со нервен отров на територија на Британија.

Слични содржини