Гловер – Изборна рамка постои, набљудуваме како ќе се спроведува

од desk2

Постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека зависи и од луѓето кои учествуваат во изборите, властите, општините, Државната изборна комисија, како таа рамка тие ќе ја спроведуваат. И тоа е она што ние ќе го набљудуваме, вели шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Одри Гловер, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.


За прочистувањето на Избирачкиот список, таа вели дека сè уште не е финализиран и тоа ќе го набљудуваат бидејќи за избирачкиот список имале забелешки во минатото и затоа многу внимателно ќе следат сè што е поврзано со ова прашање.

Сепак, смета дека постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека зависи и од луѓето кои учествуваат во изборите, властите, општините, Државната изборна комисија, како таа рамка тие ќе ја спроведуваат.

„ОДИХР имаше свои забелешки во минатото кои се поврзани со целата изборна процедура, тоа е она што го покриваме и секако сега ќе видиме до кој степен тие забелешки се имплементирани во согласност со Копенхагенските критериуми на ОБСЕ. Тоа е она што ќе го следиме“, додава Гловер.
Таа открива дека имат состаноци со сите политички партии. „Ние набљудуваме и известуваме што се случува и во овој момент не можеме да се мешаме или да даваме совети на која било политичка партија или организација или на власта“.

„Секои избори се посебни на свој начин. И ќе гледаме до кој степен претходните забелешки се спроведени и ќе го следиме целиот избирачки процес. Почнувајќи од регистрацијата на гласачи, на кандидатите, па денот на изборите, денот потоа и завршуваме кога сите жалби ќе бидат разгледани. Затоа во оваа фаза не можеме да кажеме како ќе се однесува некоја политичка партија или како ќе реагира“, додава Гловер.

За мониторингот на медиумите вели дека има седум асистенти кои му помагаат на нашиот медиумски аналитичар и прават квалитативна и квантитативна анализа на весници и телевизии. Тие почнаа со работа.

„Во минатото имаше забелешки и во однос на ова прашање, а по последните избори имаше и некои измени во законот за медиуми, така што и ова ќе го набљудуваме многу внимателно и ќе имате сеопфатен извештај на крајот од целиот изборен период“, вели Гловер.

Се надева дека нема да има инциденти на денот на изборите, а дека вршењето притисок врз администрацијата да гласа за владејачките партии ќе изостане./РСЕ

Слични содржини