Големи почести за режисерот Милчо Манчевски во Шангај

од Vladimir Zorba
 
Режисерот Милчо Манчевски добива големи почести и медиумско внимание на гостувањето во Шангај, Кина при првото сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто.
Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика, покана неповрзана со македонското Министерство за култура.
Во тек е циклус проекции на филмовите на Манчевски на јубилејното 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај, еден од најголемите фестивали во Азија. Манчевски е исто така и во жирито за главната награда на фестивалот.
На 24 јуни тој ќе одржи и мастерклас при универзитетот во Шангај, а на 26 јуни се отвора изложбата фотографии и се промовира негова книга што е издадена во Кина.
Организаторите велат дека има огромен интерес за филмовите, кои се прикажуваат со по три проекции, а сите се распродадени. Исто така распродадени се и влезниците за мастеркласот под наслов „Збор, слика и време“ во Кинескиот музеј на уметноста

 

Филмовите на Манчевски се предаваат на универзитеттите во Пекинг, Шангај и Чонкинг. Организаторите велат дека на проекциите и за мастеркласот доаѓаат студенти и од други градови во Кина, кои кажуваат дека нивните професори постојано им го прикажувале „Пред дождот“ и со овој филм ги учеле за филмска структура.

 

Присуството на Манчевски во Шангај е забележано и со голем одглас во медиумите, проследено со бројни најави и интервјуа.
Инаку, „Пред дождот“ беше прв македонски филм прикажан во Кина и наиде на голем успех. Овој филм има култен статус во Кина, особено во академската средина каде се изучува како пример на наративната структура. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој.

Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава „Пред дождот“ „како библија во филмската нарација во три чина“.

На 26 јуни, галеријата при шангајската „Хсинхуа паблишинг груп“ организира изложба на фотографски пентаптихови на Манчевски под наслов „Сонувајќи ги ву јан песните“, според песните со пет кинески букви од династијата Танг.  По тој повод, „Хсинхуа“ издава и книга со фотографии и есеи на Манчевски.

Слични содржини