Ѓорѓиевски: Спасовски и МВР два дена молчат за пукањето врз две малолетни деца во Струмица

од Vladimir Zorba

Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за медиумите дадена пред министерството за внатрешни работи кажа дека тоа било местото каде што Оливер Спасовски го направил најсрамниот прес во историјата на македонската полиција, каде што викнал десетици медиуми само за да се пофали дека Мерцедесот во кој што се возат Заев и неговите бости не го испрал две недели.

– Спасовски правеше спектакл од неиспран автомобил, а сега се крие и го нема да изусти барем збор на сочувство за двете деца кои беа застрелани заради непрофесионалноста и неспособноста на неговата партиска полиција. 16 годишно момче уште се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, а Оливер Спасовски се крие и не одговара на барањата за смена на началникот Трајанчо Пројковски одговорен за полицијата која скандалозно пукаше во деца, рече Ѓорѓиевски.

Според него, ова било најдобар показател за лицемерието и животот што го најавувал Заев на кого поважен му бил Мерцедесот, отколку два животи на две деца, застрелани поради неодговорно и непрофесионално работење на нивните партиски кадри.

– Оливер Спасовски и МВР два дена молчат за пукањето врз две малолетни деца во Струмица. Граѓаните очекуваат санкции и крај на полициската бруталност. Младо момче на 16 годишна возраст се бори за живот, а второто се опоравува по извршената хируршка интервенција и се уште е на лекување во струмичката болница. Кога СДС е на власт и управува со МВР, криминалот зема замав, а страдаат граѓаните. Сведоци сме на непрофесионалност и наместо заштита безбедноста и јавниот ред и мир имаме случај во кој полицаец застрела малолетници, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека наместо Оливер Спасовски да излезе и соопшти детали и да искаже жалење, тој молчел со надеж дека ќе си го заштити партискиот началник.

– Се работи за случај во кој има два млади животи, а челниците во МВР се однесуваат како нивниот живот да нема вредност. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека заради неспособноста, СДС ќе го пренесе хаосот во институциите. Тој хаос во полицијата загрозува животи. Тоа е директна вина на СДС со нивните кадровски политики во МВР, разрешувањето на докажани професионалци и на нивно место назначување на партиски кадри кои со нивното раководење во службите сериозно ги загрозуваат мирот и безбедноста. Првите жртви на полицијата предвидена од оваа неспособна и неодговорна Влада се два млади животи, рече Ѓорѓиевски.

Како што кажа тој, Оливер Спасовски морало веднаш го смени началникот на струмичката полиција, а полициското насилство кое што, според Ѓорѓиевски, било одлика на претходните владеења на СДСМ не смеело повторно да стане пракса.

– Заев е решен на целосна партизација на МВР. Оваа беззаконие на партиските шерифи на СДС во МВР им праќа сигнал дека може да пукаат и убиваат без да бидат казнети. Впрочем Заев го унапреди полицаецот кој внесе оружје во Собранието и пукаше кон граѓаните по негова наредба. Хаосот што се создава во безбедносниот сектор е последица на 500-те решенија кои ги поделија Спасовски и останатите функционери за да направат полиција во служба на СДС, а не на граѓаните. Последиците се сериозни и далекусежни, смета Ѓорѓиевски.

Тој рече дека СДСМ и сите прекршители на законите дека требало да знаат дека по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе биле санкционирани, а сите одлуки донесени од СДСМ ќе биде ревидирани и исправени.

– Со враќањето на правната држава и демократијата во Република Македонија сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. Сите од прв до последен! За криминалите и антидржавните дејствија кон државата и нејзините граѓани мора да има соодветни санкции, заврши Ѓорѓиевски.

Слични содржини