Со жалење морам да констатирам сè поголем говор на омраза во последните години, што е многу загрижувачко и ги повикувам институциите тоа да се спречува, рече народниот правобранител Иџет Мемети, презентирајќи го годишниот извештај за состојбата со човековите права во Македонија во 2016 година.

Правобранителот истовремено алармираше за огромна партизираност на институциите.

– За жал, огромен број институции спроведуваат партиска агенда и дури имаше и случаи кога цела институција се ангажираше за партиска задача – рече Мемети.

Тој посочи дека груба манипулација претставувале и вработувањата во јавниот сектор, не само во изминатата година, туку и пред тоа. Според Мемети, администрацијата е предимензионирана, а без вистинска анализа за потребите не може да се зборува за создавање квалитетна администрација.

Мемети нагласи и дека граѓаните не добиваат вистински квалитет во услугите што ги плаќаат, не само во поглед на сметките за струја и за вода, туку и за телефонските и за интернет-услугите.

Народниот правобранител информираше дека во 2016 година за 4 отсто се зголемил бројот на повреди на човековите права и слободи, а притоа како особено значајна ја спомена употребата на прекумерна сила од полицијата, како и од затворската полиција. Како особено алармантно, го спомена непрофесионалното постапување на полицијата при протестите што се одржуваа по прогласувањето амнестија за високи функционери од претседателот Ѓорге Иванов, како и однесувањето на полицијата кон обвинетите во таканаречениот „Кумановски случај“.

Сериозен проблем, рече Мемети, е и тоа што имаме проблематичен и непрочистен избирачки список. Тој побара од изборните органи итно да се измени Изборниот законик поради многуте случаи во кои на гласачите им е одземено правото на глас, што е уставно загарантирана категорија.

На Мемети му реплицираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој се согласи со дел од забелешките, но и се пожали дека дури и на пратениците некогаш им се одзема правото да зборуваат во Собранието.

Слични содржини