Град Скопје: Со изградбата на кружен тек на ул.„Христо Татарчев“ нема да се градат ѕидови

од desk2

Град Скопје информира дека проектот за пробивање на булеварот „Србија“ до улицата „Христо Татарчев“ каде ќе се изгради и кружна крстосница се одвива согласно сите законски прописи, од проектирање до изведба.

Градските власти ги отфрлаат тврдењата во некои медиуми дека со реализацијата на овој проект на одредени лица ќе им биде оневозможен пристап до нивните домови. ­ Со реализацијата на овој проект нема да се затвораат улици и никој од граѓаните нема да остане без пристап до неговиот дом, се вели во соопштението од Град Скопје. Оттаму потсетуваат дека изминативе неколку години во Скопје се изградени седум кружни крстосници, голем број булевари и инфраструктурни проекти и оти досега не се случило со нивната изградба на некој да му се оневозможи пристап до неговиот дом. Апелираат до жителите на оваа локација да не веруваат во, како што се наведува, разните невистинити информации кои циркулираат во јавноста и за сите информации да се обратат до Град Скопје и општина Кисела Вода. Со овој проект Град Скопје врши проширување и реконструкција на булеварот „Србија“ од кружниот тек кај Цементара до улицата „Христо Татарчев“, а на крајот од овој булевар ќе се изгради нов кружен тек меѓу булеварот „Србија”, улиците „Христо Татарчев“ и „Христо Татарчев крак 2“.

Булеварот „Србија“ ќе се реконструира и проширува во должина од 868 метри, а ќе се оформат четири сообраќајни летни со ширина од 3,5 метри. Целата должина на новиот реконструиран и проширен коловоз со целосната реализација изнесува околу 1.400 метри. На крајот од новиот булевар ќе има и кружен тек, кој ќе се формира меѓу булеварот „Србија“, ул. „Христо Татарчев“ и улицата „ Христо Татарчев крак 2″, со дијаметар од 36 метри.

Слични содржини