Градежните работи на автопатите во мирување, кој ќе ја плати цената за пробиените рокови и грешките?

од Vladimir Zorba

Неизвесна е судбината на автопатските делници  Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. По објавата на дел од медиумите дека изградбата на  мегаинфраструктурните проекти е стопирана , молк од Владата , институциите, и од  домашните градежни компании кои се ангажирани како подизведувачи, информира ТВ21. Според информациите, прекинот на градежните работи е инициран од кинеската фирма „Синохидро“ која е главен изведувач на градежните работи. Со цел  брзо изнаоѓање на решение на проблемите, премиерот Зоран Заев најави средба во најскоро време со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите.

„Запознаен сум за повеќемесечниот застој на изградбата на автопатите, којшто е предизвикан од грешки во проектирањето, поради ненавремено решавање на имотно правни односи на првиот автопат и изместување на трасата на вториот. За итно решавање на проблемите ќе се сретнам со изведувачот од Кина и ќе разговараме за настанатите проблеми“, вели Зоран Заев.

Информациите кои ги добивме, а се неофицијални велат дека комплетно е блокирана работата на делницата од Кичево до Охрид, каде надзорот открил  големи и сериозни грешки во текот на изградбата.

На источната страна од земјава пак на патниот  правец од Миладиновци преку Свети Николе па до Штип се вршеле минимални градежни работи, но тие не се според пропишаната  динамика со која треба да се работи. За конкретни податоци одговор побаравме и од директорот на Јавното претпријатие за државни патишта , но тој не одговори на нашите повици.

Новиот министер за транспорт, Горан Сугарески е во Софија, во друштво на премиерот Заев на посета кај неговиот колега од  Бугарија Бојко Борисов. Поради обврските, Сугаревски утре ќе најде време за оваа проблематика, брифираат од неговиот кабинет, а неговиот претходник Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека до неговиот последен ден како министер автопатите се граделе без никаков застој.

„Трите автопати се градеа на редовна основа се до мојот последен ден од примопредавањето на функцијата. Порачувам новата Влада наместо да креира алиби, да се посвети на активно соочување со предизвиците кои произлегуваат од реализацијата на вака крупни проекти, а кои треба да се надминуваат на дневна основа“, вели Владо Мисајловски.

Двата автопата  Миладиновци Штип и Кичево–Охрид се градат со кредит од 500 милиони долари од кинеската Ексим банка. Дополнително, СЈО за овој тендер го отвори случајот со име „Траекторија“, во кој првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски.

Тој и уште неколку високи владини функционери се сомничат дека на незаконски начин работата ја добила  кинеската градежна фирма и со тоа е напаравена   штета на државната каса 155 милиони евра. Проблематизирана е и изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, третиот автопат за кој Европската агенција за борба против корупција  ја казни грчката компанија „Актор“ која е главен изведувач со 50 милиони евра поради измама и перење пари на овој проект.

Слични содржини