Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера имаше состанок со градоначалниците на Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Лерос на кој островските власти не добија никакви гаранции од Атина за решавање на проблемот со бегалската криза.

Ципрас ја повторил намерата на Владата да подготви план за програма за развој и социјална поддршка на островите кои се најмногу погодени од мигрантската криза, информираа градоначалниците.

Градоначалникот на Хиос Манолис Вурнус истакна големиот број мигранти и бегалци го прават секојдневниот живот на островите исклучително тежок и предизвикуваат социјални проблеми. Тој ја истакна потребата од „стабилен пристап“ и „зајакнување на основните услуги, како и безбедноста и полицијата на островите“.

Петте градоначалници соопштија дека ги претставиле проблемите со кои се соочуваат нивните заедници, истовремено истакнувајќи дека немало дискусија за можни нови кампови. Градоначалниците денеска ќе имаат средби и со претставници на политички партии, а за утре е закажан и состанок со министерот за островска политика на кој ќе се разговара и за промоција на туризмот.

Слични содржини