Граѓанска акција против семејното и насилството врз жени и девојчиња

од Vladimir Zorba

Кризниот центар ,,Надеж” се приклучува кон иницијативата на Генералниот секретаријат на Обединетите нации, кој во рамки на интернационалната кампања за запирање на насилството врз жените – UNiTE („Јунајт“), го прогласи 25-от ден од секој месец во годината за т.н. „Портокалов ден“ за подигнување на свесноста и преземање активности за спречување на насилството врз жените и девојчињата.

Во рамки на „Портокаловиот ден“ во месец април, кризниот центар „Надеж“ организира акција за подигнување на свесноста во домашната јавност за проблемот со семејното насилство во земјата и негова превенција. Акцијата ќе се спроведе утре, (вторник, 25 април 2017), пред трговскиот центар „Капитол мол“ во Скопје.

За време на акцијата, која започнува во 16.30 часот, активисти на КЦ „Надеж“ ќе делат памфлети со информации поврзани со темата, а заинтересираните граѓани ќе имаат можност да ја искажат својата поддршка преку испишување пораки за борба против семејното насилство и насилството врз жените и девојчињата. Пораките симболично ќе бидат испишани со портокалова боја која на глобално ниво е прифатена како симбол за борбата против ваквиот вид насилство.

Кризниот центар „Надеж“ е граѓанско здружение кое има 17 годишното искуство во Република Македонија во обезбедување на директна поддршка на жртвите на семејно насилство, како и превентивно работење со цел прекинување на кругот на насилство. Организацијата ги спроведува своите активности преку следните неколку програми:

  • Кризно советување и упатување преку СОС линиите за помош на жртви на семејно насилство (Национална СОС линија 15-315 и телефоните за КЦ „Надеж“ 02/3175-516, 02/3173-424)
  • Обезбедување засолниште за привремен престој од 24-48 часа на жртви на семејно насилство, со капацитет за згрижување на 5-7 лица;
  • Обезбедување на првична правна помош, едукација и емоционално зајакнување на жртви на семејно насилство; и
  • Превентивна програма за семејно насилство и насилство врз жени.

Во изминатиот период КЦ „Надеж“ активно работи на спроведување на проектот „Грижи се за себе“, поддржан од Австралиската амбасада, чија главна цел е подигнување на свеста за потребата од заштита на жртвите на семејно насилство, јакнење на нивната социо-економска положба, како и охрабрување на жртвите да зборуваат за проблемот, да го пријавуваат насилството и да стекнат знаење како да се самозаштитат. Направените истражувања при реализацијата на овој проект покажуваат дека од околу 1000 телефонски јавувања годишно на СОС линиите на центарот, 51% се однесуваат на психолошко, 22% на физичко, 23% на економско и околу 4% на сексуално насилство.  Најчестиот проблем на жртвите на семејното насилство е нивната социо-економска независност, односно во голем дел се приморани да го трпат насилството затоа што немаат самостојни приходи и сопствено живеалиште.

 

Слични содржини