Како лидер на опозицијата Ципрас ги испраќаше по ѓаволите мерките за штедење. Во улога на премиер, сепак му се наложи да ја погледне реалноста во очите. Денес во Грција се одржува првиот генерален штрајк против неговата влада.

grcija

Денес во Грција се одржува генерален штрајк – првиот откако новата влада на Алексис Ципрас ја презеде функцијата во јануари. Во неа учествуваат вработени од државните институции, училиштата, болниците, железницата и фериботите, како и од градскиот транспорт во Атина. Во штрајкот се вклучуваат уште авиодиспечери, адвокати, аптекари и новинари. Нивниот протест е насочен главно против зголемувањето на даноците и против плановите за пензиски реформи. Следната недела се очекува и фармерите да излезат на протест, кој ќе биде наменет како против владата во Атина, така и против Брисел.

Додека беше лидер на опозицијата, Алексис Ципрас ги испраќаше по ѓаволите сите мерки за штедење, барани од меѓународните кредитори. Сега сепак тој е принуден да ја погледне реалноста во очите, тврди политикологот Јоргос Ѕогопулос. “Владата не само што ги голтна мерките за штедење, но дури стана нивен најжок бранител”, вели тој и потсетува дека во текот на летото премиерот протурка свој пакет мерки за штедење, кој во моментов е утврдено дека се остварува. “Тој даде големи ветувања и мнозина му поверуваа”, објаснува политикологот и наведува дека поради тоа гневот на демонстрантите веќе е наменет не толку против доверителите, туку против премиерот.
Самата “Сириза” повикува луѓето да штрајкуваат?

Вчера (11-ти октомври) во Атина се вратија гласниците на меѓународните кредитори, кои ќе го следат темпото на реформите. Според грчките медиуми, Владата на Ципрас има намера уште оваа недела да најде решение за сите спорни точки и така да си го отвори патот кон потребниот кредит во износ од 2 милијарди евра.

Alexis Tsipras

Парадоксално, токму владејачката партија “Сириза” ги повика луѓето масовно да се вклучат во генералниот штрајк. Незадоволните треба да се кренат против “неолиберална политика и уцена, практикувана од економски и политички центри на моќ во земјата и надвор од неа”, пишува во мислењето на “Сириза”. Партиските стратези соопштуваат дека борбата за пристојни пензии и плати во сите случаи ќе продолжат.

Зар партијата се побуни против својата влада? “Нема такво нешто”, категорична е Петти Перка, заменик-министер од “Сириза” во Министерството за транспорт. Според неа, генералниот штрајк е како средство за притисок, така и поддршка за владата. “Кога народот ќе излезе на улица, за да се бори за својата кауза, тоа и дава на владата дополнително оружје во преговорите. Кабинетот само може да се потпре на својот народ”, објаснува нив.

Телевизискиот новинар Димитрис Економу гледа на работите поинаку. “Излегува дека кога штрајкуваат, ја поддржуваат владата. А кога не штрајкуваат, ја поддржуваат уште повеќе. Тоа едноставно нема како да е точно”, се гневи тој. Политикологот Јоргос Ѕогопулос пак го објаснува двојниот однос на грчката левица на протестите со најобични тактички пресметки. “Новата влада сеуште се прашува како да реагира на штрајковите. Таа ем не може да ги поддржи, ем пак не може од срце и да ги осуди. Та нели до скоро токму левичарската партија ги вадеше луѓето на улица, за да протестираат против мерките за штедење? “, се сеќава тој.

Кога гневот прерасна во насилство

Понекогаш незадоволството на Грците преминува во насилство. Минатата недела,на пример наводните десничарски екстремисти го нападнаа конзервативниот пратеник Јоргос Кумуцакос. Ден пред тоа забулени младинци упаднаа во книжарница, за да протестираат против една левичарска политичарка, која учествуваше во литературно читање. А на почетокот на месецот гневни студенти ги нападнале меѓународните контролори, кои биле испратени да го оценат Атинскиот универзитет. Тие ги навредувалњ, фрлале по нив овошје и на крајот ги принудиле да ја напуштат зградата, пишува весникот “Катимерини”.

Според економистот Костас Ступас, овие инциденти се доказ за тоа дека владата и државата се урнале откако не можат да го наметнат владеењето на правото. “Најлошо е кога секој човек или секоја групички се обидува на своја глава да ги наметне своите ставови за правата и правдата. Тогаш едноставно доаѓа до хаос”, вели аналитичарот.

Слични содржини