Претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум изјави дека Грција ја затворила вратата за било какви идни преговори, пренесува весникот “Гардијан”.

За новинарите пред состанокот на министрите за финансии од Еврогрупата Дејселблум рече дека е “многу непријатно изненаден од денешната одлука од грчката влада (за референдум – ). Тие очигледно ги отфрлиле конечните предлози од страна на институциите.”

Дејселблум исто така, ја критикуваше грчката влада дека препорачува отфрлање на предлогот. “Тоа е тажно решение за Грција, бидејќи тоа ја затвора вратата за идните преговори.”

 

Последните вести од Брисел се дека е малку веројатно министрите од еврозоната да понудат на Грција продолжување на договорот, бидејќи неколку земји се противат на тоа.
Министерот за финансии на Белгија Јохан Ван Овертвелд предупреди дека времето на Грција истекува.

“Очигледно 30 јуни доаѓа многу брзо”, рече тој и го нарече барањето на референдум “чуден потег”.

Министерот за финансии на Малта Едвард Сциклуна пред новинарите изјави дека референдумот е дојден како “проблематично шок” за Еврогрупата. “Демократските влади имаат право да распишат референдум, но времето за овој е многу несоодветно.”

Според него референдумот би требало да се одржи пред еден месец, откако станало јасно дека Владата нема мандат да ги прифати предлозите на доверителите.

Шефот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристин Лагард изјави дека Грција треба да спроведе “длабоки” структурни реформи и фискална консолидација.

“Заедно со другите институции, ние секогаш сме биле флексибилни, за да се прилагодиме на новата економска и политичка ситуација во Грција. Целта на она што го правиме е да ја зачуваме стабилноста на економијата во Грција и да ја повратиме нејзината финансиска независност, како во Португалија и Ирска. ”

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјавил на новинарите дека изгледа нема основа за понатамошни преговори со Грција, но додаде дека “никогаш не можат да се исклучат изненадувања” со Грција.

Слични содржини