Груби на конференција во Софија за бугарското претседавање со ЕУ

од desk2

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, од 20 до 22 јануари 2018 година, ќе учествува на конференција на претседателите на комисиите за европски прашања на земјите-членки и на земјите-кандидати за членство во Европската унија – КОСАК, во Софија, Бугарија.

На конференцијата, како што информираат кабинетот на Груби, ќе стане збор за програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Европската Унија во првата половина од 2018 година, за што свое обраќање ќе има министерката за бугарското претседателство со Советот на ЕУ, Лилјана Павлова. Во рамките на конференцијата е предвидена и сесија на која ќе се расправа за иднината на Европската Унија од аспект на глобалната улога на ЕУ.

„На конференцијата, Груби ќе има свое обраќање пред високиот форум на претставници од сите национални парламенти на Европската Унија каде што ќе говори за високиот приоритет на бугарското претседателство, посветен на европската перспектива на Западниот Балкан во ЕУ. За време на конференцијата, Груби ќе оствари средби со своите колеги од парламентите на земјите кои се членки на Унијата, а ќе се сретне и со колегите од регионот“, стои во соопштението.

Слични содржини